„Дневник“: Глигоров го врати мандатот кај СKМ-ПДП зашто му докажа дека има мнозинство во Собранието

 

Одлуката на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, по завчерашниот ден на консултации со сите партии, мандатот за состав на нова влада да ~ го додели на партијата, односно коалицијата која ќе докаже дека може да обезбеди мнозинство во Собранието – не е ниту кршење на Уставот, ниту преседан, ниту самоволие – како што беше толкувано од опозициската СДСМ, одредени медиуми и експерти, анализира Дневник.

Имено, според Уставот, шефот на државата го доделува мандатот на оној од кој ќе добие писмено известување дека има обезбедено мнозинство во Собранието. Такво нешто од страната на втората партија, односно коалицијата предводена од СДСМ, според бројот на гласови, досега до Иванов не е испратено. Заев единствено на прес-конференција го повика претседателот да му го довери мандатот нему, но доказ дека може да обезбеди мнозинство с` уште не е доставен.

И Глигоров во 1992 и го врати мандатот на СKМ-ПДП

Дека не станува збор за преседан доволно зборува речиси истата ситуација во која се најде шефот на државата во 1992 година Kиро Глигоров. Тогаш претседателот, по неуспехот на Љубчо Георгиевски да формира влада како победник на изборите, мандатот му го доделува на тогашната СKМ- ПДП – како второпласирана според бројот на пратеничките мандати, ама откако таа како доказ претходно приложува дека има обезбедено мнозинството во Собранието. Потоа коалицијата предводена од СKМ-ПДП го предлага за мандатар Петар Гошев, кој не успева да состави влада, и за ова го информира писмено Глигоров, кој повторно го враќа мандатот на СKМ-ПДП.

Гошев во интервју пред неколку дена нагласи дека мандатот го вратил веднаш штом му бил доделен од страна на Глигоров, порачувајќи дека Иванов треба да му даде шанса на СДСМ да ја формира владата. Но според архивираните документи во претседателската канцеларија, излегува дека изјавата на Гошев е неточна, односно тој го известил Глигоров дека не може да направи влада дури по истекот на 20-те дена рок во кој се консултирал за да обезбеди мнозинство, но неуспешно.

– Заклучно со денешниот ден, дваесет дена водев интензивни преговори и консултации за да го обезбедам соодветниот состав на владата – состав што ќе може да одговори на тежината на задачата што ја носи таа функција (тој орган), особено во овие тешки и би рекол судбински денови за Републиката. За жал, работите почнаа да се одвиваат поинаку од почетната согласност и поддршка, се вели во писменото известување доставено кај Глигоров на 6 август 1992 година.

Откако по ова Глигоров го враќа мандатот кај СKМ-ПДП – ова собраниско мнозинство го одредува Бранко Црвенковски за нов мандатар. ВМРО-ДПМНЕ тогаш на чело со Георгиевски поднесува иницијатива пред Уставниот суд со тврдење дека Глигоров го прекршил членот 90 од Уставот (односно членот 84 во стариот Устав) со тоа што го доверил мандатот на Црвенковски (како кандидат од иста партија, од која претходниот мандатар го вратил мандатот). Но Уставниот суд се произнел со решение дека нема прекршување на Уставот.

Претседателот не постави услови

Оттука обвинувањата на опозицијата дека Иванов го прекршил членот 90 од Уставот се неосновани. Со други зборови, Иванов постапува идентично како и Глигоров во 1992 година, односно одлучува мандатот да ~ го довери на партијата или коалицијата која ќе докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието.

Покрај последната одлука на Иванот, тој беше вчера нападнат и поради тоа што побара од партиите кои ќе ја составуваат новата влада да имаат два клучни приоритета, што според опозицијата значи дека претседателот наметнува услови, односно го условува идниот мандатар. Иванов побара нешто што претходно веќе го кажа во своето годишно обраќање: заштита на државните интереси, што подразбира зацврстување на унитарниот карактер на државата, и второ, системска реформа по кризата во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Македонија.

– Ваквите барања не претставуваат услови, туку политички ставови на претседателот Иванов за идните приоритети на новата влада, кои се конзистентни и се однесуваат на сите политички структури во земјава. Претседателот има целосно легитимно право да изнесува политички ставови и барања поврзани со државните интереси, велат од кабинетот на претседателот за „Дневник“.

Токму истото го направил и Глигоров во 1992 година, а е запишано и во неговите белешки до кои дојде „Дневник“. Па во една од нив од 17 јули 1992 година токму е нагласено дека тогашниот претседател во пораките кон идниот мандатар се осврнал на задачите што ја чекаат Македонија нагласувајќи го економскиот и политичкиот контекст во кој земјата се наоѓа. Со други зборови ги изразил своите политички ставови, укажувајќи ги задачите кои треба да се исполнат.

Всушност, треба да се нагласи, дека тоа што како приоритети ги изнесе Иванов, соодветствуваат со препораките содржани во извештајот на Прибе.

 
 
03.02.2017 - 09:49

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега