МФ: Со аукциите се финансира дефицитот, согласно буџетот

За да не се злоупотребуваат аукциите на државни хартии од вредност во партиски цели, од Министерството за финансии уште еднаш ја објаснија нивната намена.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на Министерство за финансии.

Годинава, како и изминатите години, буџетот е планиран со буџетски дефицит, што значи дека расходната страна е поголема од приходната. Ова е пракса за економиите во развој преку јавната потрошувачка да го поттикнат економскиот раст во земјата. Буџетскиот дефицит се финансира од внатрешни и надворешни извори – како што е наведено и во буџетот.

Внатрешни извори за финансирање на буџетскиот дефицит се државните хартии од вредност. Значи разликата од она што денес е повлечено на аукцијата на државни хартии од вредност и она што утре ќе биде вратено во стопанството по основ на доспеани за враќање државни хартии од вредност ќе се искористи за финансирање на буџетскиот дефицит, предвиден со буџетот за 2017 година.

Зошто сега се повлекува поголема сума? Ликвидноста на пазарот е особено висока, што придонесе за значително намалување на каматните стапки на државните хартии од вредност. Значи по пониска цена може да се обезбеди капитал за финансирање на буџетскиот дефицит кој е предвиден со буџетот.
Министерството за финансии го спроведува буџетот и води прудентна политика на јавниот долг, за што добивме потврда неодамна и од Меѓународниот монетарен фонд.

Сензационализамот кој се прави од аукциите на државни хартии од вредност е далеку од основан, бидејќи аукциите на државни хартии од вредност во сите економии се нормална пракса.

Ќе потсетиме дека државните хартии од вредност се воведени во 2004 година и за разлика од денес кога каматата е 2%, тогаш истата изнесуваше 11%.

 
 
24.01.2017 - 16:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега