ЕЛЕМ: Електроенергетската состојба стабилна

Електроенергетската состојба во Македонија е стабилна. Тарифните потрошувачи ќе добиваат струја навреме. Отстранет е дефектот во РЕК Битола и електраната сега работи со полн капацитет, изјави денеска генералниот директор на АД ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

Според него, земјава во најстудените денови, на 8, 9, 10 и 11 јануари, преку 80 отсто од потребите ги задоволила од домашно производство. 

- И покрај временските прилики, успеавме навреме да ги испорачаме потребните количини електрична енергија. Граѓаните не треба да се грижат, така ќе биде и во наредните денови, нагласи Мицкоски.

Приоритет на АД ЕЛЕМ, потенцира директорот, е интересот на граѓаните и снабдувањето со струја. 

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски рече дека заклучно со денеска за увоз на енергија се потрошени два милиона евра, но финансискиот кусок ќе биде многу помал. 

- Пред нас е поволен период зашто снегот што се топи ќе ја намали цената на струјата во регионот. Ќе има многу евтина енергија напролет, почнувајќи од март, напомена Мицкоски.

Увозот на струја засега не се реализира преку Грција и Бугарија, туку единствено преку Србија. Состојбите се следат 24 часа, а најавеното зголемување на температурите се очекува да ја подобри ситуацијата. 

Во врска со обвинувањата на СДСМ, Мицкоски рече дека со опозицијата разговараат на различен јазик. - Остануваме фокусирани на справувањето со состојбите и нема да коментираме небулозни тврдења кои немаат никаква научна и техничка логика. Отворени сме за секакви конструктивни предлози, но досега такви нема, посочи директорот на ЕЛЕМ. 

 
 
12.01.2017 - 12:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега