Кадровските промени на ВМРО-ДПМНЕ позитивен чекор, Пандов го поздрави најавеното освежување

Кадровски промени особено во вториот и третиот ешалон, најавува претседателот на ВМРО ДПМНЕ и мандатар за идна Влада, Никола Груевски.

Тој вели ниту дел од првиот ешалон нема да биде изоставен во новиот бран освежувања на раководните позиции. Груевски во интервју за „Дневник“ вели доколку формира коалиција и влада планира низа кадровски промени поради тоа што дел од нив се предолго на иста позиција и почнале да се рутинизиираат и да се однесуваат бирократски.

-Ги загубиле жарот и енергијата. Има такви и во првиот и во вториот ешалон. Има и луѓе кај кој е видлив заморот. Има и такви што ги загубиле енергијата и високата мотивираност што ја имаа. Почнале премногу административно да одговараат, без да се потрудат да им помогнат на луѓето, туку само им даваат бирократски и административни одговори. Едноставно не ,,гризаат“ како некогаш кога станува збор за работење, за помагање, за креативност во секојдневната работа, во борбата секој ден, односно и одново да се докажуваш. Имаат капацитет, имаат знаење, имаат искуство, и се е тоа во ред. Но немаат жар, го немаат еланот од порано, не се максимално мотивирани, опуштени се. Знаете секој што не се бори за успех на институцијата што ја води, со ист елан, енергија, мотив, жар како да се бори за своја приватна фирма од која му зависи личниот опстанок, значи дека го достигнал зенитот и треба да се замени со некој друг, кој можеби во почетокот ќе е помалку искусен или ќе има нешто помалку знаење, особено она што се добива од искуството, од работењето, но ќе има жар, мотивираност, силна амбиција, ќе создаваат возбудлива атмосфера во институциите со кои раководат, ќе ги мотивираат и другите во таа институција, вели Груевски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ овие промени ги најавува за почетокот на годинава, но истакнува дека поголем дел од промени ќе се спроведат во втората половина од 2017. Груевски истакнува дека потребата од овие промени ги увидел при разговорите со граѓаните, претставници на компании, но и самите раководители при неговите теренски посети во изминативе две години. Покрај изгубената енергија, Груевски вели дел од раководните кадри ќе бидат сменети и бидејќи создале лоши навики, направиле грешки и пропусти во работата.

Политичкиот аналитичар Александар Пандов вели освежувањето во редовите и на раководните позициите е секогаш добар и позитивен чекор.

-Секогаш е позитивна и добра работа, факт дека во досегашниот состав на луѓе кои што се во третиот, вториот ешалон се препознаваат одреден број на луѓе кои што се чуствуваат изморени, истрошени или се презаситени од онаа функција која што ја имаат и веќе не ги исполнува, од тука јас го поздравувам тоа најавено освежување и во ВМРО-ДПМНЕ и на ниво на држава, вели Пандов за ТВ Канал 5.

Пандов вели ова особено ќе биде од корист за граѓаните бидејќи ќе се менуваат раководители на институции кои се сервис на граѓаните и очекува дека овие промени ќе резултираат со подобрување на услугите за граѓаните од државната и јавната администрација.

 
 
10.01.2017 - 21:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега