Годинава повеќе од половина пратеници уста не отвориле во Собранието

Според последната анализа на „Мојот пратеник“, во македонското Собрание дури 73 пратеници не се јавиле воопшто за дискусија на пленарните седници во првата половина од годинава. Триесет и девет од нив не учествувале на ниту една од седниците.

- „Ефикасноста на овој состав во никој случај не може да се оцени како позитивна. Човечно е да има одмор и пратеникот и кој било носител на јавна функција, но ако тоа се условува со сработеното, мислам дека тешко може да добие некаква позитивна оценка или виза“, вели политичкиот аналитичар и поранешен пратеник, Насер Зибери.

Анкетираните граѓани исто така даваат слични забелешки: - „Некои пратеници уста не отворија, не само овие 5-6 месеци, туку и многу месеци претходно.“

Сепак, доколку се земе бројката на донесени закони, 122 во истиот период се заклучува дека сепак продуктивноста на Собранието е голема во овој период. 

„Нашите пратеници се хиперпродуктивни ако гледаме според ефектот од нивната работа, значи донесување на закони и измени, но бројот на сработени закони не соодветствува на квалитетот на сработените закони“, изјави политичкиот аналитичар Здравко Савески.

Инаку, во изминатите шест месеци Парламентот беше и во застој поради настаните од 24 декември.

„Тоа е нешто што нам ќе ни се рефлектира и во извештајот кој ќе го добиеме од Европската комисија наесен, а верувам и дека законските решенија од евроагендата не беа целна тема на нашиот парламентарен состав изминатата година“, посочува Муслиу.

11:08