Самарас ја напушти зградата на ОН откако доби прашање за спорот со името

 

Грчкиот премиер Андонис Самарас демонстративно ја напушти зградата на Обединетите нации во Њујорк, откако доби прашање од Македонската информативна агенција за искреноста на неговата посветеност кон спорот за името.

Самарас, кој вчера попладнето во Њујорк се сретна со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун, на средба на која доминираа прашањата на спорот за името на Република Македонија и статусот на поделениот остров Кипар, кусо одговори на прашањата на грчките колеги дека се разговарало за светски прашања, како и за познатите прашања од интерес за Грција. Но, штом доби прашање од не-грчки колега, грчкиот премиер без ниту еден збор се сврте и замина.

Инаку, генералниот секретар на ОН од Самарас побарал интензивирање на разговорите за да се реши спорот. Средбата со Самарас во Њујорк доаѓа по отворениот повик на Македонија, за средба на високо ниво, и евентуално формирање на тимови на двете влади кои би го разгледувале прашањето за името, предлог кој Самарас го одби.

Дознаваме дека, на средбата на која присуствуваше и посредникот во разговорите, амбасадорот Метју Нимиц, тема на разговор биле неговите предлози претставени до двете страни на разговорите што се одржаа на почетокот на април. На средбата во ОН присуствуваше и Џефри Фелтман, американскиот дипломат кој служи како заменик генерален секретар на Бан Ки-мун, и кој беше и присутен на последните разговори меѓу Нимиц, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

На прашањето која е пораката на САД до Самарас при неговата посета на Вашингтон, Рикер одговори: - Пораката до Самарас е иста како и пораката до Груевски, кога тој беше во Вашингтон, се надеваме дека двете страни ќе изнајдат пат напред, користејќи ги добрите услуги на посредникот Нимиц. Повторно, како што сугерирав и во другите прашања, се надеваме дека на крајот на летото и почетокот на есента ќе продолжиме со обидите да се најде пат напред, изјави Рикер.

Самарас, во текот на вчерашниот ден, продолжи со средбите чија цел е да го подобри угледот на Грција во светот, и да привлече инвестиции од грчката заедница во САД. На средба со истакнати Грци од дијаспората во клубот Метрополитен, Самарас ги замоли да инвестираат во родната земја, велејќи дека грчките граѓани веќе немаат пари со кои би ги платиле даноците.

Грчкиот премиер се сретна со познатиот банкар со грчко потекло Џејми Димон, извршниот директор на банкарскиот гигант Џеј Пи Морган, една од институциите на Вол Стрит кои во 2010 година беа посочени дека и помагале на Грција да го направи неверојатно високото ниво на долг поради кое мораше да интервенираат Европската Унија и Меѓународниот монетарен фонд со пакетот мерки за штедење.

Самарас се сретна и со градоначалникот во заминување, милијардерот Мајкл Блумберг, а го посети и меморијалниот центар на местото каде што стоеа Кулите Близначки уништени во терористичките напади на 11 септември 2001 година, при што беше урната и грчката православна црква Свети Никола.

При крајот на денот, Самарас имаше средба и со Дејвид Харис, претседател на Американскиот еврејски комитет. Од Комитетот, за МИА, изјавија дека една од темите на разговор со Самарас ќе биде алармантниот пораст на нео-нацистичките движења во Грција, не само партијата Златна Зора, туку и доделувањето на високи позиции во грчката Влада на лица поврзани со нео-нацистите.

ФОТО: Кајгана

10:07

најчитано сега