Македонија во 2017 ќе потроши за 2,3 отсто повеќе енергија

Вкупната потрошувачка на енергија во 2017 година ќе порасне за 2,3 отсто, а  потрошувачката на електрична енергија ќе зависи од работата на индустриските капацитети кои учествуваат со 20 отсто во вкупната потрошувачка. 

И годинава сообраќајот ќе биде најголем потрошувач на енергија, а во вкупната потрошувачка најголем удел од 50 отсто ќе имаат нафтените деривати, струјата ќе учествува со 27, а јагленот со 6 отсто, предвидува Предлог-енергетскиот биланс за 2017 година.

Енергетскиот биланс е документ кој ја содржи целокупната потрошувачка на сите енергенси во државата за една година и ги опишува консументите, односно потрошувачката на енергијата. За периодот 2013 – 2017 година предвидува пораст на потрошувачката на сите енергенси со просечна стапка од 3,3 проценти на годишно ниво.

Експертите очекуваат дека потрошувачката на електрична енергија кај домаќинствата ќе остане непроменета, а според нив, до нејзино намалување може да се дојде дури по целосната гасификација на земјава.

Во билансот е предвидено и годинава да расте учеството на обновливите извори на енергија, но, според аналитичарите, хидроелектраните и ветерниот парк не можат да го ублажат недостигот атокот на струја, бидејќи тие зависат од временските услови. Потрошувачката, пак, на струјата ќе зависи од работата на Макстил, Фени и Југохром. Се предвидува и дека ќе има неповолна хидролошка состојба и да расте побарувачката на гас.

- Ако потрошувачката на електрична енергија се намали за два отсто увозот ќе биде 30 проценти, а домашното производство 70 проценти. Ако, пак, металуршките комбинати работат со полна сила, домашното производство ќе остане на исто ниво, а увозот ќе достигне до 40 проценти, вели Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација.

Тој нагласува дека се намалува потрошувачката на струја во земјава и оти тоа главно се должи на престанокот со работа на големите комбинати, како Југохром, а со половина капацитет работат и Макстил и Фени Индустри. 

- Производството во термоелектраните РЕК Битола и Осломеј бележи континуирано намалување последниве години, хидроелектраните произведуваат колку што дозволува хидрологијата, а според Предлог-енергетскиот биланс, гасната електрана Те-То ќе произведува значително повеќе, но тоа повторно ќе зависи од пазарните услови, односно од разликата во цената на струјата и гасот, посочува Анѓушев.

Обвновливите извори на енергија, кои пред неколку години беа нула отсто, а денес се шест до седум проценти од енергетскиот биланс, според него, не се доволни да го супституираат производството на термоелектраните.

- Може да ја ублажат ситуацијата и се добродојдени, но мора да се најде начин термоелектраните да произведуваат со полна снага. Проценките велат дека цената на струјата на светскиот пазар догодина се очекува да биде стабилна и на речиси исто ниво како во 2016-та, посочи Анѓушев.

Македонија во 2014 година потрошила 74.759 тераџули енергија од сите видови, во 2015 потрошувачката изнесувала 79.709, лани 82.578, а во 2017 година се предвидува да се потрошат 84.477 тераџули. 

 
 
01.01.2017 - 10:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега