Ѓорѓиев: Владата е фокусирана на подобрување на пазарот на пченица

Владата е фокусирана на подобрување на пазарот на пченица, засега нема конкретен датум, ниту рок кога ќе се укине одлуката за заштита на домашниот пазар на пченица, апелираме сите субјекти да покажат конструктивност, а се трудиме предизвикот заради кој беше воведена мерката да го надминеме во што пократок период, е владиниот став околу реакциите во врска со ограничувањето на увозот на пченица и брашно од странство во нашата земја.

Како што изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев одговорајќи на новинарско прашање, воведената мерка за заштита на домашниот пазар и домашното производство е донесена врз основа на норми од домашното и меѓународното право, а базира на соодветна квалитативна аргументација со која се запознаени сите страни.

- Во овој период од кога мерката е воведена, Владата и сите државни институции се фокусирани на надминување на предизвикот што постоеше на пазарот со пченица за да се стекнат услови мерката да биде повлечена. Во овој момент мерката е се уште актуелна, а ние сме фокусирани на подобрување на пазарниот инструментариум, нагласи Ѓорѓиев.

Тој апелираше сите субјекти, домашни и од странство, да покажат конструктивен однос зашто пазарот, рече, е материја што битно зависи од психолошките перцепции, изјави, насоки или определени видови постапки.

- Фокусирани сме, работата оди добро и веќе над 70 проценти од домашното производство на пченица е дистрибуирано меѓу откупувачите. Се трудиме тој процес да биде забрзан и во соодветен период да можат да бидат отстранети условите поради кои беше воведена заштитната мерка. Повеќе пати имаме разговарано со сите засегнати страни, кој и да побарал, сме дале информација базирана на аргументи. Очекуваме предизвикот да биде надминат во догледен период, потенцираше портпаролот на Владата Ѓорѓиев. 

најчитано сега