Расте бројот на фабрики, се отвараат работни места

Расте бројот на фабрики во слободните економски зони. Политичката криза ги одложи, но не ги откажа планираните инвестиции, се очекува 2017 да биде година на нивна конкретна реализација.

Влезот на нови странски инвестиции ќе значи отворање на директни, но и на индиректни работни места, преку соработка меѓу странските и домашните компании. Досегашното искуство покажа дека ова партнерство носи 50 милиони евра годишно за македонските компании.

-Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Директна корист од работата со странците имаат преку 500 наши фирми. Дел од нив се вклучени во добавувачкиот синџир, други беа ангажирани за изградба на фабриките и на производствените погони, трети видоа бизнис можност во сервисирање на машините и на опремата на странските инвеститори, четврти активно се вклучија во транспортот, логистиката, осигурувањето, кетерингот.

-За очекување е во почетната фаза оваа соработка доминантно да биде во делот на услугите, но веќе почнува онаа втора фаза на соработката. Сега, одредени домашни компании инвестираат во посовремена и нова технологија и опрема, за да можат да бидат добавувачи токму за одредени специфични производи на странските инвеститори. Во тој случај, домашните компании се одлучуваат да земат кредити, бидејќи во таа конструкција е познат купувачот, објаснува извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Вмрежувањето на македонските со странските компании останува приоритет, бидејќи тоа значи поголем бенефит од странската инвестиција, а резултира со отворање индиректни работни места.

-Најактуелно е да ги вмрежиме странските со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити, вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

-Кога македонските фирми ќе станат дел од синџирот на добавувачи на глобалните компании, тие ќе добијат пристап и до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир на добавувачи на мултинационалните компании,  објасни министерот за финансии, Кирил Миноски.

Македонските компании имаат потенцијал!

Македонските компании имаат потенцијал и можат да ги задоволат строгите критериуми на странските инвеститори.

-Сметам дека има голема можност за зголемување на таа соработка, бидејќи индиректните придобивки, не само вработување, туку од соработката со домашните компании се многу големи и на тој начин директно ќе се влијае врз подобрена економска активност и зголемен економски развој, вели Мизо.

Пример како да се интензивира соработката се компаниите од автомобилската индустрија, кои веќе формира своја асоцијација. Застапување на заедничките интереси, промовирање и поттикнување на соработката со домашните компании, помош во обуки и едукација за модернизација на добавувачите се само дел од целите на оваа асоцијација.

-Целта е како домашните компании да го зголемат процентот во репроматеријали, а со тоа да се зголеми и учеството во извозот, затоа што ако овие компании се 100% извозно ориентирани, содржината во тој извоз сакаме да направиме да биде што повеќе македонска, посочи претседавачот со Асоцијацијата, Аврам Стојчевски.

Домашната „Актива“ е пример за ефектите од странските инвестиции. Компанијата активно соработува со „Ван Хул“ и прави делови за автобусите. Потребите на Белгијците ќе ги задоволува и со втора фабрика.

-Ние произведуваме за нивните потреби, за 400 до 500 автобуси. За следната година ние мораме за двојно да го зголемиме нашиот капацитет за да одговориме на нивните барања, вели директорот на „Актива“, Иле Николов.

Странците се задоволни од бизнис – климата

Странските инвеститори се задоволни од бизнис – климата во земјава, покажа последната анкета спроведена од македонската Влада врз 30 странски компании.

96% од нив рекоа дека се задоволни од инвестициската клима, 86% потврдиле дека повторно би ја одбрале Македонија за вложување на својот капитал. 50% од странските компании по инвестирањето ги прошириле капацитетите, отвориле нови линии на производство и нови работни места.

-Бизнис – климата која ја создадовме ни дава можност за привлекување нови познати компании да инвестираат во земјава, да отвораат нови работни места, а со тоа да се подигне и стандардот на граѓаните и економскиот раст на земјата, вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

93% од анкетираните странски инвеститори одговориле дека би ја препорачале Македонија како добра инвестициска дестинација кај своите партнери, нешто што веќе се случува, бидејќи во Македонија влегоа компании – соработници на инвеститорите кои претходно се позиционираа во зоните.

-Соработката со инвеститорите е есенцијална, активното работење е неопходно, не само од моментот на нивно привлекување, туку и од почетокот на градежните активност сè ди целосно вклопување во работата, вели Мизо.

 

 
 
28.12.2016 - 08:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега