Политичка стабилност за нови инвестиции во Македонија

Македонија испраќа уште една година со политичка криза. Домашните турбуленции беа сериозен ограничувачки фактор за раст на економијата, привлекување нови странски инвестиции, стимулирање на домашните вложувања, за отворање нови работни места, пишува Лидер.

Пролонгирањето на изборите, кои претходно беа планирани за април и потоа за јуни, предизвика сериозна резервираност меѓу инвеститорите, кои ги одложуваа планираните вложувања.

-Општиот амбиент поради политичката криза не беше најсоодветен и влијаеше врз довербата на инвеститорите. Зголемувањето на нивото на инвестициите не е како што очекувавме при априлската проекции, објасни гувернерот на Народната банка, Димитар Богов.

Освен странските, внимателни беа и домашните компании, кои посочија дека им е потребна стабилност за да можат да вршат долгорочни планирања и да придонесат кон економскиот развој.

-Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции,  објасни претседателката на ССК, Данела Арсовска.

2016-та беше тешка и долга година за бизнисот, но економијата на земјава покажа жилавост и во вакви неповолни услови за стопанисување.

Солидни резултати и во време на криза

И во време на криза, Македонија успеа да ги одржи позитивните трендови во економијата.

БДП растеше во трите квартали од годинава. Растот во првото тримесечје изнесуваше 2,6%, во вторите три месеци 3,1% и во третиот квартал имавме раст на БДП од 2,4%. Владата во проекцијата на буџетот оди со претпоставка дека со декемвриските избори завршува и времето на политичка нестабилност, со очекување за зголемен раст на инвестициите и потрошувачката.

-Согласно очекувањата за движењето на домашната побарувачка и предвидувањата на меѓународното економско окружување, проекцијата за економски раст во 2017 година изнесува 3% раст на БДП, соопшти министерот за финансии, Кирил Миноски.

Со пооптимистички прогнози одат Народната банка со 3,5% раст на БДП, ММФ со 3,2% и Светска банка со проекција за позитива од 3,3%.

Во однос на привлекувањето странски директни инвестиции, според податоците на НБРМ, во трите изминати квартали од годинава во земјава се влезени СДИ во износ од 222 милиона долари.

-Во последните неколку години имаме над 200 милиони евра инвестиции, а тоа годишно значи извоз од над 1,4 милијарди евра или околу 300 милиони евра годишно зголемување на бруто – домашниот производ, вели министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак.

Стапката на невработеност во третиот квартал се намали на историски најниско ниво од 23,4%, а само во последното тримесечје се отворени 8 илјади нови работни места. Во однос на 2015 година, стапката на невработеност бележи намалување од 2,7%.

За в година е проектиран натамошен раст на вработеноста од 1,8%, а се предвидува да се отворат уште 11 илјади нови работни места.

И покрај превирањата во Министерството за финансии, како и честите препирки меѓу министерот и дополнителниот заменик – министер за висината на долгот, последните показатели упатуваат на тоа дека земјава е се уште во безбедната зона.

Македонија, согласно планот, се раздолжи кон Сити банк и Дојче банк за сума од 130 милиони евра, а со тоа јавниот и државниот долг се намалија за 1,4 процентни поени. Јавниот долг се спушти под границата од 50%, па сега изнесува 49,2%, а државниот долг падна на 40% од БДП.

Последен во низата потези за годинава кои сигнализира дека работите одат на подобро е оној на Централната банка за намалување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени, на 3,75%.

-Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на видливото стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, кое во континуитет е присутно во последните шест месеци, и на значително повисоката структурна ликвидност на банкарскиот сектор. Сигналите за стабилизација се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – девизниот пазар и депозитите во банкарскиот сектор, соопшти НБРМ.

Се отвораат нови работни места

Бројот на компании кои донесоа одлуки да инвестираат во Македонија и нивните бизнис планови сигнализираат дека в година ќе се отворат значителен број на работни места од странските инвеститори.

Десет компании објавија дека вложуваат капитал во Македонија, вкупно ќе креираат околу 3 илјади работни места.

Турските „Целмак“ и „Чагатај кабло“, грчките „Пластики“ и „Секе“, полската „Лубринафт“, индиската „Малхотра“, германската ВИГ , американската „Броудстоун дифенс“ се само дел од компаниите кои најавија или почнаа со конкретни активности за реализација на планираните инвестиции.

Дополнително, годинава со работа почнаа: „Леар“ во Тетово, американската „Гентерм“ ја отвори фабриката во Прилеп, „Амфенол“ гради нов погон, „Дијатек“, „Кондево“, „КСС“ ја отвори фабриката во зоната во Кичево, други компании ги проширија капацитетите, што укажува дека в година ќе се отворат значителен број работни места.

-Многу сум задоволна од она што е направено во слободните зони и од односот што го имате со инвеститорите. Тоа е поради добрите политики на Владата и добрата работа на менаџерскиот тим на зоните. Моите искуства покажуваат дека сте на вистинскиот пат, оцени Ника Манукова од Светската организација на слободни зони.

 
 
27.12.2016 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега