Во Охрид ќе „врие" од гости од соседството за Нова Година

Охридските хотелски сместувачки објекти најавуваат одлична посетеност за престојните новогодишни празници. Речиси сите сместувачки капацитети се веќе закупени, најбројни и оваа година гостите од соседните држави Бугарија, Србија, Црна Гора, како и од некои подалечни земји од Европа. Оваа година некои од хотелите се пофалија со враќање на интересот кај македонските гости за нивните Ноговодишни понуди.

Хотелите на охридската ривиера нудат новогодишни аранжмани во времетраење од два до пет дена, а цената зависи од категоријата, како и од времетраењето на престојот. Тридневните аранжмани на база полупансион (ноќевање-појадок-вечера) чинат од стотина до 160 евра, со вклучена свечена новогодишна вечера.

 

Хотелите „Метропол“ и „Белви“ се целосно закупени, со гости претежно од Бугарија и дел од Русија. Тридневните аранжмани во двата хотела чинат 155 евра, додека само свечена Новогодишна вечера чини 35 евра од лице.

 

Капацитетите на хотелот „Инекс“ исто така речиси целосно распродадени за Новогодишните празници, по цена од 149 евра за тридневен аранжман. Само свечена вечера на 31 декември со дочек на Новата Година во „Инекс“ чини 45 евра по лице.

 

Хотелот „Аквалина“, исто така, веќе 90 отсто од своите капацитети ги има издадено за гости од Бугарија, по цена од 119 одноно 139 евра по лице за три дена. Само Новогодишната ноќ со свечена вечера во хотелот изнесува 30 евра по лице со неограничен пијалок.

 

Речиси распродаден е и хотелот „Тино“, со гости од Бугарија, Србија, Црна Гора и дел од Македонија. Тридневниот аранжман во „Тино“ изнесува 169 евра, додека само дочекот на Новата Година во ресторанот чини 50 евра по лице со неограничен пијалок.

 

Кај охридските ресторани нема големи разлики во понудата и цените во споредба со минатата година. Стандардно за Новогодишните празници тие нудат добра забава со богато свечено новогодишно мени и цени меѓу 25 и 45 евра зависно локалот, што е на понуда, како и дали во цената е вклучен пијалок.

 

Љупчо Патчев, сопственик на рестораните „Далга“ и „Чун“ вели дека свечената вечера со неограничен пијалок во двата објекти чини 45 евра, а засега најголем интерес пројавиле гости од соседна Србија.

 

Слична е и понудата во рестораните „Белведере“ и „Билјанини извори“ каде пречекот на Новата Година чини 45, онодно 40 евра со вклучени десет евра за пијалок. Во хотелот „Белведере“ пречекот чини 30 евра, додека тридневен аранжман на база ноќевање, појадок и вечера со вклучени две свечени вечери изнесува 161 евро. Најбројни оваа година во „Белведере“ се гости од сите држави на поранешната државна заедница, како и одреден дел гости од Грција.

 

Некои од рестораните во Охрид ќе работат и стаднардно, без посебни резервации односно како и секој ден, со мени „а ла кард“ и стандардни цени на пијалоците, но секако најавуваат резервација на место.

 

Забава секако ќе има и за оние што сакаат Новата 2017 година да ја пречекаат во охридските кафулиња и ноќни клубови во поинаква атмосфера, со ди-џеј програма и гарантирана добра забава до раните утрински часови.

 

Локалите „Објектив“ и  „Ликвид“ нудат резервации по цена 20 евра по лице, со вклучени четири пијалоци, мезе на база шведска маса, апетисани, овошје и четири пијалоци по избор. Во „Објектив“ за забавата е ангажиран ди-џеј, додека во „Ликвид“ за забавата ќе се погрижи перкашн состав.

 

Клубот „Куба либре“ за најлудата ноќ нуди добра забава со ди-џеј и најразлична музика, по цена од 25 евра по лице, со вклучена богато новогодишно мени на база шведска маса и вклучен еден пијалок, додека сето останато ќе се нуди по редовни цени.

 

Оваа година за разлика од претходните забележан е и значително зголемен интерес за сместување во приватните капацитети, каде цената изнесува од пет евра за ноќевање до над 50 евра за закуп на полуксузен апартман со повеќе легла.

Инаку, Охрид веќе е подготвен за новогодишните празници и најлудата ноќ. Градот е празнично украсен, централното градско подрачје и Кејот на езерото осветлени со соодветни реквизити, а веќе е започната вообичаената забава на Градскиот плоштад со новогодишна програма за сите генерации.

 
 
21.12.2016 - 11:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега