Локализиран пожарот кој беснееше кај Гевгелија

Пожарот меѓу гевгелиските села Негорци и Кованец е локализиран и ставен под целосна контрола. Огнената стихија избувна вчера напладне од запалено стрниште на нива во месноста Китрос и брзо се прошири на површина од 50 хектари.

Надлежните информираат дека денеска нема активен оган на опожарениот простор што беше обраснат со нискостеблеста шума, прнар и сува трева. Екипите на Територијалната противпожарна единица Гевгелија, Шумското стопанство „Кожуф“ и на Дирекцијата за заштита и спасување се уште дежураат на терен каде е направен фронт за заштита во правец на селата Негорци и Кованец, заради тоа што сепак постои опасност со подигање на дневната температура повторно да се појави оган на дел од просторот зафатен со пожарот.

Инспекциските служби интензивно работат на откривање на сторителот на пожарот.