И француските медиуми и оддадоа почит на Есма Реџепова

Обожавана во социјалистичка Југославија, а потоа во независна Македонија, Есма Реџепова која создаде повеќе песни популаризирани подоцна од Горан Бреговиќ, беше една од најпознатите странски пејачки во Франција. Повеќе француски медиуми и оддадоа почит откако се дозна за нејзината смрт, а меѓу нив и денешното издание на париски „Либерасион“, пренесува дописникот на МИА од Париз.

- Циганската песна од Централна Европа имаше два монарси: српскиот крал Шабан Бајрамовиќ, кој почина во 2008 година и македонската кралица Есма Реџепова, која почина во неделата во Скопје на 73 години. Двајцата беа прогласени ѕвезди во Југославија на маршалот Тито: за разлика од другите режими на комунистичкиот блок, земјата им даде на Ромите статус на национално малцинство, што беше проследено со признавање на нивниот ромски јазик и промовирање на нивната култура. Есма редовно беше канета во официјалните кругови: двојката која таа ја создаде со продуцентот (кој не беше Ром) Стево Теодосиевски често настапуваше во ’60-ти и ’70-ти години пред шефовите на неврзаните држави во посета на Белград, пишува Либерасион.

Со познавањето на циганските народни песни, се додава, Есма го додаде влијанието на Боливуд-пејачите, предводена од сестрите Лата Мангешкар и Аша Босле. Земјата беше навистина голема потрошувачка на суперпродукциите од Бомбај, како за естетски така и за геополитички причини.

Есма Реџепова имаше 17 години во 1961 година, кога ја сними во Загреб својата прва плоча 45 за државната компанија Југотон. Спротивно на советите на нејзиното семејство, кое сметаше дека е срамна кариерата како уметник за една немажена жена, наскоро целата земја го запознава нејзиниот глас и стил „цигански поп“, како и нејзината ексцентрична облека (вклучувајќи ги и нејзините познати турбани). Весникот за нејзината хуманитарна посветеност пишува дека Џозефин Бејкер од Балканот посвои педесетина деца без родители, Роми или не, кои ги воведе во музиката.

На Б-страна на нејзиниот прв албум се наоѓа песната „Чае Шукарије“ (Млада девојка) која ќе остане како нејзина омилена песна. Во 1990-те години верзијата на Горан Бреговиќ ќе и даде глобална слава.

Тажен крај за кариерата на уметникот, кој со поконзистентни уметнички избори, како и со повеќе професионална средина, можеше да триумфира на најголемите сцени во светот, како Цезариа Евора, завршува со жалење париски Либерасион. 

 
 
13.12.2016 - 16:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега