Обвинетите од „Ликвидација“ денеска на обвинителна клупа

Денеска во Кривичниот суд во Скопје стартува судскиот процес за случајот „Ликвидација“. На обвинителната клупа ќе седнат осум лица кои беа уапсени на крајот од мај. Меѓу уапсените адвокати и судии се најде и новинарот Томислав Кежаровски. 

Според полицијата, акцијата „Ликвидација“ се подготвувала со години. Се работи за убиството на 74 годишниот Лазар Милошевски кое се случи во 2005 година во велешко Ореше. Осомничени за убиството беа браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски, а како нарачател се спомнуваше Ѓоре Петровски, Македонец кој живее во Америка. Судскиот процес го следеа голем број контроверзи, затворските казни пресудени во првостепениот суд, паѓаа на повисоките инстанци. БРаќата Ѓорѓиевски и Петровски беа ослободени од вина во март годинава.

Кежаровски беше уапсен на крајот на мај годинава, поради текст од пред пет години, во кој го открил идентитетот на заштитениот сведок. За вакво кривично дело, информираат од Кривичниот суд, следува минимум четири години затворска казна. На новинарот Кежаровски не му е дозволено да се брани од слобода, не се прифаќаше кауцијата вредна 20.000 евра. Откако новинарот доби притворска казна, во јавноста излегоа многу реакции а беа организирани и серија протести. Кежаровски неколку дена штрајкуваше со глад и тоа му ја влоши здравствената состојба.

ФОТО: Канал 5