Имала тешко детство, посвои 47 деца, направи голем број на хуманитарни концерти - Есма замина во легендите

Животните цели кои си ги посатвуваме на себе си, меѓу останатото, тест е нашата издржливост и трпеливост. Малкумина се оние кои ги имаат остварени своите цели и сонови. Една од нив е Есма Реџепова, македонската пејачка и голема хуманистка, светски познатата кралица на ромската музика. Почина утрово на своја 73 годишна возраст, по кратко боледување. 

Таа беше среќна и задоволна жена, пеела на повеќе од 23.000 концерти шритум светот, од кои третина од нив биле хуманитарни.  Таа е првата Ромка која излегла да пее на ромски јазик. Во Индија во 1976 година била прогласена за кралица на ромската музика, што и дало повеќе мотив да работи неуморно и да создава. 

- Жал ми е што денеска не е межу нас мојот покоен сопруг Стево Теодосиевски, инаку голем музичар, голем уметник и човек кој ме откри мене како волакален солист, во една прилика ова го изјавила Есма. 

- Драго ми е што станав и национален уметник во Македонија, добив орден за посебни заслуги, за афирмирање на македоснката песна. Исто така во 2000 година во Русија ми е доделена наградата Пејачка на 20. век, што додатно ме израдува, изјавила Есма. 

Животот на Есма воопшто не и бил лесен, поминала низ многу тешкотии. 

Реџепова е петто од шесте деца на Чанија и Ибраим Реџепови, во мала куќичка во центарот на Скопје. Таткото Ибраим во бомбардирањето на Скопје во април 1941 година ја изгубил едната нога. Се обидел да ги прехрани четирите ќерки и двата сина како чистач на чевли, но бидејќи останал инвалид, некој постојано морал да му ја носи кутијата со бои и четки. Покрај другите браќа и сестри, и малечката Есма станала помошник на татка си. Но, наскоро го проширила „бизнисот“, па им помагала и на другите чистачи на чевли во Скопје. Таа била нивниот главен снабдувач со „репроматеријал“. Трчала до тогаш единствената работилница за производство на боја за чевли „ималин“ и набавувала за сите. Парите што чистачите и ги давале за автобуска карта, таа ги штедела за кино билет, а најчесто во набавки одела пеш. Постарите скопјанки можеби не се сеќаваат дека денешната ромска кралица е она истото девојче што пред педесетина години чекала во ред за да им купи млеко, а тие и давале по некоја паричка што исто така завршувала во билетарницата на скопското кино. Ученичката Есма имала бунтовна природа и никогаш не им останувала должна на оние што сакале да ја понижат нарекувајќи ја „Циганка“. Никогаш не се срамела од работата, ниту кога сиромаштијата го принудила деветгодишното девојче да чисти скали и да брише прозорци во домовите на имотните скопјани. Имала прекрасен глас секогаш широка насмевка и ведра природа. Нејзината мајка никогаш не запеала. Татко и Ибраим пеел, но само за своја душа, зашто пеењето по кафеани го сметал за недостоинствена работа. Неговата 13-годишна ќерка Есма била вљубена во песната, но тој всушност и не знаел дека таа веќе ја пленила публиката со својот глас, пеејќи песна во една театарска претстава и дека добила покана да учествува на меѓучилиштен натпревар во пеење во Сарај.

Таткото тоа го дознал еден ден, кога на вратата на Реџепови чукнал познатиот естраден уметник Стево Теодосиевски. Тој дошол да го убеди да и дозволи на Есма да настапува со неговиот ансамбл. Таа есен1957 година, Есма победила на натпреварот и добила покани за соработка од Радио Скопје. Во 13-годишната црномуреста девојка, облечена во скромно фустанче, музичките критичари откриле вонсериски талент. Тој момент животот на Есма добил поинаков тек. Таа се вклучила во ансамблот на Теодосиевски, а татко и добил ветување од Стево дека тој ќе се грижи за неа, за нејзиниот настап, за кариерата и оти нема да дозволи таа да стане кафеанска пејачка. Дом и станал стариот автомобил на Стево Теодосиевски, патиштата, новите градови и хотелите. Есма денес речиси и не може да се сети на првите официјални настапи. Прво почнале со скромни турнеи во Македонија, потоа во републиките на бивша Југославија. Првиот настап на Есма надвор од СФРЈ бил во 1961 година во Бугарија. На двомесечната турнеја таа била вистинска атракција, затоа што во тоа време не било „природно“ Ромите да се вклучат во естрадниот живот. Заради контактите и поразвиениот музички пазар, скопјанката Есма од 1960 година станува жител на Белград.

Нејзин дом биле две соби на Дедиње, во кои живеел целиот ансамбл „Теодосиевски”, вклучувајќи ја мајката на Стево, која на Есма и била како втора мајка. Музиката и заедничкото живеење со Стево Теодосиевски ги крунисала во брак во 1968 година. Драчевци и денес се сеќаваат на големата и весела ромска свадба, а седум дена подоцна бракот го регистрирале во Белград. Oд белградскиот аеродром почнуваат многу патувања на ромската музичка кралица. Есма станала популарна и поради тоа влегла во протоколот на претседателот на Југославија. Првпат пеела пред Тито во 1961 година, кога гостин на маршалот му бил индонезискиот претседател Сукарно. Со нејзините песни се расположил и либискиот лидер Муамер Гадафи, кога летувал во резиденцијата на Бриони. По 30 години брак, смртта на Стево ги раздели Кралот и Кралицата. Но, таа вели дека тој останал присутен во нејзиниот живот.

 

 

 
 
11.12.2016 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега