Самарас по средбата со Обама: Регионот околу Грција е соочен со многу проблеми

Американскиот претседател Барак Обама и грчкиот премиер Андонис Самарас на денешната средба се заложија за решавање на насобраните отворени прашања во регионот, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Американскиот претседател изјави дека Грција може да игра позитивна улога во регионот и да ги надмине долготрајните нерешени прашања на Балканот и на Блискиот Исток. Обама оцени дека постои можност за надминување на децениските конфликти, притоа изразувајќи надеж дека ќе се постигне решение за поделениот остров Кипар.

Грчкиот премиер во своите забелешки изјави дека регионот околу Грција е соочен со многу проблеми, и се повика на почитувањето на меѓународното право за нивно решавање. Самарас изјави дека може многу да се постигне со надминување на овие спорови.

Една од темите на разговор биле очекувањата на САД од Грција за време на грчкото претседавање со Европската унија во првата половина на 2014 година.

По средбата, Обама изјави дека САД ја поддржуваат Грција во спроведувањето на тешките економски реформи.

Самарас рече дека грчкиот народ направил огромни жртви, но тоа нема да биде попусто, и фокусот во иднината ќе биде на економскиот развој.

Американскиот претседател воедно ја поздрави поддршката на Грција во борбата против тероризмот.

08.08.2013 - 23:30

најчитано сега