Најмногу апчиња се пијат во Прилеп

104-годишна струмичанка е најстариот пациент во аптека. Најмногу лекови пијат прилепчани, а струмичани најчесто одат на специјалистички прегледи. Пациентите најмногу користеле терапија за притисок, срце, шеќер, желудник, пишува Вечер.

Прилепчани најмногу пиеле лекови, а струмичани најчесто оделе на специјалистички прегледи. Пациентите најмногу користеле терапија за притисок, срце, шеќер, желудник, а со лековите се снабдувале најчесто во понеделник, во временскиот период од 9 до 10.30 часот. Струмичанка на 104 години била најстариот пациент во аптека. Ова го покажале анализите на Мој термин направени во Министерството за здравство во јули и на почетокот на август кога најголем број од препишани електронски рецепти се евидентирани во Прилеп, Струмица, Охрид и Велес.Најпрепишувани лекови се Енаприл со 10 проценти, Пентоксифилин со 6, Лисиноприл 5 и Диазепам со 4,7 отсто од препишаните лекови.

Според координаторот на Мој термин" Милан Аризанкоски само во јули годинава се креирани вкупно повеќе од милион или 1.011.560 електронски рецепти, а во првите шест дена од август - 302.125 од кои на 1. август 77.889, на 5. и на 6. август 96.557 електронски рецепти.
- Зголемена е и реализацијата на електронски рецепти во месец јули каде што процентот на реализација бил 36 отсто односно 366.286 електронски рецепти, додека во првите шест дена од август реализирани се вкупно 182.863 електронски рецепти, односно 60 проценти од рецептите се реализирани во аптеките-објасни Аризанкоски.

Според возраста најмногу рецепти се препишуваат на пациенти кои се на возраст од 60 до 70 години, односно 29 отсто од вкупно препишаните рецепти, додека 24 проценти од рецептите отпаѓаат на пациентите од 70 до 80-годишна возраст.

Податоците укажуваат дека најчеста дијагноза за која се препишуваат рецептите, се есенцијална хипертензија застапена со 33 отсто од препишаните рецепти, тип 2 дијабетес мелитус со 6,6 проценти, заболување на липопротеинскиот метаболизам 3 отсто, гастритис и дуоденит 3 проценти, невротски растројства 2,6 отсто и кардиомиопатија со 2,4 проценти.

Што се однесува за креирани и реализирани електронски упати во јули и почетокот на август, бројката за месец јули покажува вкупно 153.087 упати,а во август за првите шест дена креирани - 24.139 електронски упати.
Аризанковски укажа дека 45 % од е-упатите се реализирани во јули односно 68.240, а во август 12.089 или 50 проценти од креираните упати. Во просек 51 процент од креираните упати пациентот го завршува прегледот во истиот ден додека 25 отсто со еден ден чекање и 20 проценти од два до седум дена чекање.

Во однос на старосната популација, најмногу упати се препишуваат на пациенти на возраст од 60 до 70 години, односно 20 отсто, а на пациентите од 50 до 60 години им припаѓаат 19 проценти од вкупно препишаните упати.

Како што вели Аризанкоски податоците покажуваат дека најголем процент од пациентите здравствена услуга добиваат веднаш, односно истиот ден или во рок од неколку денови.

08.08.2013 - 23:21

најчитано сега