Цвеќе на спомен-плочата за загинатите армиски резервисти кај Карпалак
Денеска во Прилеп со полагање цвеќе и панихида пред спомен-плочата на армиските резервисти кај Карпалак, беше одбележана 12-годишнината од нивното загинување.
Панихидата ја отслужија двајца свештеници на тетовското архиерејско намесништво на МПЦ- ОА, а на одбележувањето присуствуваа министрите за транспорт и врски Миле Јанакиески и за здравство Никола Тодоров, заменик министерот за одбрана Емил Димитриев, делегација од Кабинетот на претседателот на Република Македонија, Генералштабот на АРМ, роднини, пријатели и сограѓани на загинатите од Прилеп, како и претставници на политички партии, здруженија на бранители од Прилеп, Куманово, Скопје и Тетово.
Претставниците на здруженијата на бранители уште еднаш побараа сите тие да се здружат под едно централно здружение со што полесно би ги оствариле правата на своите членови и нивните семејства. - Државата помогна што можеше да помогне, но животите на овие малди луѓе нема да се вратат, рече Пецо Петрески, брат на загинатиот бранител Марко Деспотоски. Вецо Секулоски, брат на Пецо Секуловски рече дека остануваат на барањето што поскоро во Карпалак да биде подигнат споменик на загинатите бранители од Прилепско.
- Денеска по 12-ти пат се среќаваме на ова место и морам да повторам - обичен камен да се постави за да запалиме свеќа и да ги оставиме цвеќињата наместо тоа да го правиме на банкината. Преживеаните од Карпалак и семејствата на загинатите го чествуваат овој ден, но болката останува, изјави Андоновски, возачот на автобусот.
- Дојдовме да се поклониме на местото каде загинаа нашите соборци, сограѓани и пријатели. Ние од ова здружение имаме една желнба, а тоа е сите бранители да бидеме во едно здружение за да бидеме посилни со што ќе поставиме споменик на Карпалак, а и ние полесно ќе ги оствариме своите права, рече Талески, претставникот на здружението „Прилепски бранители“.
ФОТО: МИА