ВИДЕО: Лидерот на најголемата политичка партија во Европа (ЕПП) со силна поддршка за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ

 

Навистина сум среќен што можам да ја дадам мојата поддршка на целиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за изборите кои ќе се одржат на 11 декември. Ова вечерва преку видео порака на митингот од Битола на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ го порача Жозеф Дол, претседателот на најголемата политичка партија во Европа, Европската народна партија (ЕПП)

– Македонските граѓани ќе учествуваат на изборите кои се очекуваа веќе долго време. Јас можам само да се радувам на овој настан, поради тоа што голем број напори и жртви беа направени во однос на договорот од Пржино за одржување на овие избори. Сега треба да се направи последен напор за да се обезбедат слободни, правични, веродостојни и мирни избори и за резултатите од овие избори да бидат признаени и почитувани. Но изборите не се крај, туку тие се само почеток. Почеток на едно ново поглавје за вашата земја, порача Дол во видео пораката која беше емитувана пред битолчани.

Сега, нагласи Дол, имате единствена можност да излезете од безизлезна ситуација и да продолжите напред, да ја модернизирате земјата и цврсто да ја поставите на патот кон евроатлантската интеграција. Вашите сограѓани, земјите од регионот, а исто така и Европската Унија и целата меѓународната заедница ги положуваат своите надежи во овие избори. Треба да ги исполните овие очекувања, а не да ги разочарате.

-Доколку на 11 декември гласачите ја дадат својата доверба кон вас ВМРО ДПМНЕ, а сигурен сум дека ќе го сторат тоа, тогаш вас ве чека голема одговорност. Одговорност брзо и решително да ги спроведете неопходните реформи за да му обезбедите на вашиот народ подобра и европска иднина. Пријатели, вие до сега многу постигнавте. Тоа го покажуваат и економските показатели, а и меѓународните институции го признаваат напредокот кој го постигнала владата на ВМРО-ДПМНЕ, пред сè на Никола Груевски, а потоа и на Емил Димитриев. Но, остануваат и други работи кои допрва треба да се направат. Без одложување треба да се спроведат итни и основни реформи, рече Дол.

Треба да продолжите, нагласи Дол, да се борите со невработеноста која значително се намали, но сè уште останува доста висока, особено кај младите. Треба да се осигурате долгот да остане на нивото на коешто е сега и на кое може да се гордеете и пред сè да работите во обезбедување правна држава, независно судство, борба против корупцијата, транспарентност и политичка стабилност.

-Ова е клучот без кој економијата не би можела да напредува. Ова се неопходните услови кои мора да се исполнат за да продолжите да ги привлекувате инвестициите за да зачувате погодна клима за развој на претпријатијата, а со тоа и за отворање на нови работни места за да се обезбеди просперитет и развој на земјата, како и подобар квалитет на живот за вашите сограѓани. Овие реформи се исто така неопходни за да продолжите да чекорите по европскиот пат. ЕПП секогаш ја поддржувала европската перспектива на Македонија, какои на другите земји од Западен Балкан. Ние цврсто веруваме дека судбината на овие земји е еден ден да ни се приклучат, а сега, бегалската криза на скептиците им покажа колку се тие важни за Европската Унија како чувари на границите на ЕУ. Сега е вистинскиот момент да покажете дека со право припаѓате на големото европско семејство, рече Дол.

Првиот човек на ЕПП даде уште еден коментар во однос на изборите.

На победникот му останува одговорноста да владее и да носи одлуки, а на губитникт му останува одговорноста да претставува конструктивна опозиција во Собранието… и уште еднаш ќе нагласам, во Собранието! Поради тоа што таму е седиштето на демократијата и бојкотирањето на изборите, или на политичките дебати е недозволиво во Европа.

ВМРО-ДПМНЕ повеќе од десет години е наш партнер, а вие знаете кои се фундаменталните вредности и принципи на нашето политичко семејство и се надевам дека можам да сметам на вас за вие нив да ги применувате во вашата земја. Навистина сум среќен што можам да ја дадам мојата поддршка на целиот тим на ВМРО-ДПМНЕ за изборите кои ќе се одржат на 11 декември. Сè најдобро и со среќа, порача Дол.

Изминативе денови, ВМРО-ДПМНЕ доби голема и отворена поддршка од видни европски политичари, меѓу кои и австрискиот шеф на дипломатијата Себастијан курц, кој неделата се обрати на големиот митинг во Скопје.

-Особено сум благодарен за подршката што ја добивме од страна на Македонија во 2015 и 2016 година. Бегалската криза беше голем предизвик за Австрија. Во 2015 година 90 илјади бегалци дојдоа во Австрија, а преку 1 милион ја минаа нашата држава. Без вашата Влада немаше да бидеме во состојба да ја затвориме балканската рута. Многу сум ви благодарен што не подржавте во оваа особено тешка состојба за нас, рече Курц пред големата маса луѓе на вечерашниот митинг и додаде дека ова е мошне импресивен собир

На вчерашните митинзи во Виница и Кочани се обрати и Аксел Фишер,пратеник на владејачката германска партија ЦДУ на Ангела Меркел и актуелен претседател на Европската народна партија.

-Заедно ни успеа да ги зачуваме христијанските и конзервативните значенија на народот во Европа и секако успеавме заедно да се заштитиме од фалшливиот идеолошки развој на левите и социјалистите. ВМРО-ДПМНЕ е цврст дел од христијанското демократската фамилија на Европа и затоа ви благодарам. Во време кога нашиот контитент се соочува со сериозни предизвици како што е миграцискиот бран, теротизмот и други безбедносни прашања, македонската Влада покажа особена посветеност и секако таа е посветен партнер кон прашањата кон безбедносните решенија и другите проблеми. Македонија е земја која што активно не поддржуваа кон решавање на проблемот со мигрантската криза, изјави Фишер.

Тој исто така додаде и дека ја поддржува Македонија кон вклучување на Македонија кон ЕУ и Нато и верува дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што може да ја води државата во тој правец.

-Во изминатите денови интензивно ја разгледав изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ и со тоа од една страна ја сфатив суштината и основата во која што вистински лежат пријателските работи и заедничкиот живот со Европа. Од друга страна во програмата се предвидува успешен развој на економијата и ќе пронајде добросостојба. За да се исполнат сите ветувања на партијата ВМРО-ДПМНЕ тие треба да имаат една стабилност во Владата и мнозинство во Парламентот, а тоа ќе се покаже на изборите на 11 декември, рече Фишер.

На митингот во Скопје се обрати и Тобијас Зек, потпретседателот на ЕПП во ПССЕ. Зек рече дека Програмата на ВМРО-ДПМНЕ не е обична програма, тоа е програма за иднината на Македонија. Ако се определите за Никола Груевски и оваа партија, се определувате за иднината во НАТО и ЕУ.

-Од името на Европската народна партија, односно од името на партиите кои што се дел од таа пратеничка група, односно Демохристијанската партија на ЕУ, ви посакувам се најубаво во вашата кампања. Особено сакам да се заблагодарам на македонскиот народ, на македонската Влада, но исто така сакам да се заблагодарам на господинот Никола Груевски. Вие сите заедно направивте голема работа, не само за вашата држава туку и за цела Европа. Но не само во изминатите години, оваа Влада покажа особено видни резултати во однос на вашата економија, во однос на безбедноста, во однос на социјалните работи. Вие сте една партија и Влада која што е за пример. Меѓутоа не е битно да се погледне само наназад, туку треба да погледнеме и нанапред, а јас имав можност да ја погледам програмата на ВМРП-ДПМНЕ. Меѓутоа станува збор за програма што има многу идеи, која што содржи многу проекти кои што исто така ќе се спроведат во иднина. Дами и господа ако се определите за оваа партија, ако се определите за Никола Груевски, тогаш се определувате за иднината . Тоа значи за една Македонија која ќе влезе во НАТО, но и во Европската Унија, рече Зек.

 

 

 
 
01.12.2016 - 21:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега