Најголема гужва кај матичните во понеделник меѓу 9 и 10:30 - еве кој најчесто ги окупира ординациите

Прилеп, Струмица, Охрид и Велес се водечките општини според бројот на препишани електронски рецепти во јули и август. Најпрепишувани лекови се Енаприл со 10 проценти, Пентоксифилин со 6, Лисиноприл 5 и Диазепам со 4,7 отсто од препишаните лекови, соопшти координаторот на „Мој термин“ Милан Аризанкоски на денешната прес-конференција на која информираше за моменталниот статус на креирани и реализирани електронски упати на ниво на целата држава.

Аризанкоски информираше дека во месец јули се креирани вкупно 1.011.560 електронски рецепти, а само во првите шест дена од август се креирани 302.125 од кои на 1. август 77.889, на 5. и на 6. август 96.557 електронски рецепти.

- Зголемена е и реализацијата на електронски рецепти во месец јули каде што процентот на реализација бил 36 отсто односно 366.286 електронски рецепти, додека во првите шест дена од август реализирани се вкупно 182.863 електронски рецепти, односно 60 проценти од рецептите се реализирани во аптеките, рече Аризанкоски.

Во однос на старосната популација најмногу рецепти се препишуваат на пациенти кои се на возраст од 60 до 70 години, односно 29 отсто од вкупно препишаните рецепти, додека 24 проценти од рецептите отпаѓаат на пациентите од 70 до 80 годишна возраст.

Најчеста дијагноза за која се препишуваат рецептите, посочи тој, се „есенцијална хипертензија“ застапена со 33 отсто од препишаните рецепти, „тип 2 дијабетес  мелитус“ со 6,6 проценти,  заболување на „липопротеинскиот метаболизам“ 3 отсто, гастритис и дуоденит 3 проценти, невротски растројства 2,6 отсто и кардиомиопатија со 2,4 проценти.

- Слична е состојбата во однос на статусот на креирани и реализирани електронски упати во јули и почетокот на август. На пример во месец јули креирани се вкупно 153,087 а во август за првите шест дена креирани се 24.139 електронски упати, изјави Аризанкоски.

Тој информираше дека најголемите пикови при препишувањето на електронските рецепти се појавуваат во првите 10 дена од месецот, од кои најголем број се препишуваат во понеделник од 9 до 10.30 часот. Статистиките покажуваат дека во првите час и половина од понеделниците се препишуваат 20 отсто од дневно пропишаните електронски рецепти.

Како што рече, во јули се реализирани 68.240 е-упати односно 45 отсто од вкупно креираните, а во август 12.089 или 50 проценти од креираните упати. Во просек 51 процент од креираните упати пациентот го завршува прегледот во истиот ден додека 25 отсто со еден ден чекање и 20 проценти од два до седум дена чекање.

Во однос на старосната популација, најмногу упати се препишуваат на пациенти на возраст од 60 до 70 години, односно 20 отсто а на пациентите од 50 до 60 години им припаѓаат 19 проценти од вкупно препишаните упати.

Аризанкоски посочи дека од презентираните податоци може да се види дека најголем процент од пациентите здравствена услуга добиваат веднаш, односно истиот ден или во рок од неколку денови.

Тој се заблагодари за масовното користење на националниот електронски систем и апелира и натаму да се продолжи со масовно користење на системот. 

најчитано сега