МЗШВ ќе отвори уште девет свои канцеларии во руралните општини

Заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски, денеска најави дека ќе се отвораат девет подрачни единици на Министерството во руралните општини.

Коњановски присуствуваше на отворањето на првата ваква канцеларија во струмичко Ново Село со која, како што рече, почнува да се реализира владиниот проект ветен пред шест месеци.  

- По направените анализи, констатиравме дека земјоделците од Ново Село дневно патуваат двапати по 60 - 70 километри до Подрачната единица во Струмица за да завршат некои активности или законски обврски. Во Струмичко се евидентирани над 12.000 земјоделци од кои најголем број во руралните општини Ново Село, Босилово и Василево. Во најскоро време вакви канцеларии ќе отвориме и во овие општински центри, како и во уште 6 останати општини во државата, нагласи Коњановски.

Градоначалникот на Ново Село Блажо Велков напомена дека отварањето на подрачната единица во Ново Село локалната самоуправа покажа подготвеност за реализација на дадените ветувањаа и за создавање уште поблиска соработка со централната власт.

- Со отварањето на канцеларијата нашите земјоделци ќе заштедат и пари и време, а административните услуги ќе им бидат во целост овозможени, истакна Велков.

На отворањето беше најавено дека по овој пример, наскоро во Ново Село ќе профункционираат и канцеларии на СВР, како и на Катастарот каде граѓаните ќе ги добиваат потребните лични документи и имотни листови. 

Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Ново Село е сместена во административната зграда на општината.

ФОТО: МИА

најчитано сега