СЕБИ бара да му се одземе пасошот на Субрата Рој
Сахара Груп вчера се обрати пред индискиот Врховен суд тврдејќи дека нивниот шеф Субрата Рој не е одговорен за рефундирање на трите милијарди долари долг кон инвеститорите. Регулаторот СЕБИ, пак, бараше пасошот на Рој да биде привремено одземен за да може тој да му биде достапен на судот, пишува „Тајмс оф Индија“.
-Не тврдам дека тој не е главен во Сахара Груп, но тоа не значи дека е и одговорен, рекол адвокатот на Рој пред судот.
Адвокатот кој го застапува СЕБИ, Арвинд Датар, вчера пред судот изјави дека Субрата Рој постојано барал средби со претседателот на СЕБИ и дека со регулаторот комуницирал повеќе пати на оваа тема. Затоа, вели адвокатот, Рој не може сега да тврди дека нема никаква врска со компаниите.
-Директорите и промоторите на компаниите треба да добијат максимална казна затвор. Тие не треба да бидат сослушани се додека трите милијарди долари долг не бидат депонирани во СЕБИ. Треба да се овозможи тие да бидат присутни во судот и нивните пасоши привремено да бидам одземени од страна на судот, истакнал адвокатот на СЕБИ пред судот.
Пред една година, судот ѝ наложи на „Сахара групацијата“, во рок од три месеци да им го врати долгот од 4,3 милијарди долари со 15 проценти камата на оштетените инвеститори. Компаниите не го почитувале и овој договор и вратиле само една петтина од долгот. Сега, Сахара груп должи уште три милијарди долари. СЕБИ, поради непочитување на роковите, побара од судот да бидат замрзнати сметките на Субрата Рој, директорите од Сахара Груп, како и сметките на фирмата.