Со Мухамед Зекири против Јохан Тарчуловски

Kога се случи петкратното убиство кај Смилковското Езеро, една од претпоставките зошто токму оваа локација беше избрана за монструозниот чин беше дека тој дел од Скопје е лесно запалив и може да дојде до меѓуетнички судир. И ова не е далеку од вистината. Само малку недостигаше вжештената атмосфера во 2011 да прерасне во конфликт меѓу Македонците и Албанците. Подготвеноста на полицијата спречи да се развие сценариото на планерите за дестабилизација на Македонија. Во тој дел од Скопје се случија и љуботенските настани во 2001 година за што Јохан Тарчуловски беше осуден 12 години затвор од Хашкиот трибунал.

А настаните во Љуботен се случија кога на 10 август кај месноста Љуботенски Бачила загинаа осум припадници на АРМ. Некои од загинатите беа од Љубанци, родното место на Трачуловски. Два дена подоцна следуваше акцијата на македонските безбедносни сили против припадниците на ОНА.

Некој што живее во Струмица не може толку лесно да ги разбере чувствата на Македонците во овој дел од Скопје. Тој не знае низ што минувале луѓето што живеат таму. Kолку се плашеле за својот живот и за животот на своите најблиски во 2001 година. Раните на оние семејства што ги изгубија своите чеда во 2001, како и во 2011 година, с` уште не се излечени. И токму во овој дел од Скопје, кој спаѓа во Втората изборна единица, Заев реши да го понуди Мухамед Зекири, познат по радикалните ставови во одбрана на Албанците. Тој овде се бори против „диктаторот“ Груевски, а го бранеше Ердоган кога се случи пучот во Турција. Најверојатно му се допаѓа тоа што Ердоган е за исламизација наспроти секуларизација на општеството. По објавувањето на кандидатските листи на коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ и гледајќи го Јохан Тарчуловски на осмата позиција во „двојката“, Зекири коментира дека Тарчуловски е воен злосторник. А Тарчуловски, особено во овој реон, во очите на Македонците е херој што застанал во одбрана на татковината.

Зекири не упати навреда само кон Тарчуловски, туку и кон сите Македонци што живеат таму. Со ваква ли реторика планира третиот на листата на СДСМ во „двојката“ да се шета низ неа?

Дали е свесен дека може лесно да предизвика тензии меѓу Македонците и Албанците или некој да му посака добредојде кога ќе го види?

Премногу меѓуетнички судири се случија во минатото во местата од Втората изборна единица и никој не треба да си игра со кревките односи меѓу Македонците и Албанците.

Во овој дел од Скопје се и семејствата на петтемина убиени кај Смилковското Езеро. Заев манипулира со нивните чувства тврдејќи дека ќе објави бомба со која ќе се дознае вистината за Смилковското Езеро. Така велеше со месеци. Со денови ја чекавме бомбата, која требаше да каже кој стои зад монструозниот чин крај езерото и никако да слушнеме до ден-денес. Да манипулираш со таков тежок случај и притоа да не ти е гајле како се чувствуваат роднините на оние што им беше одземен животот од монструмите, да не чувствуваш одговорност пред јавноста да кажеш ако нешто знаеш, тоа го може само човек без грам мозок, без срам и чувство.

Дали Зекири ќе отиде кај семејствата на убиените деца за да им ја каже вистината кој ги усмрти нивните чеда?

Ова безобразие на СДСМ тешко дека Македонците во овој дел од градот ќе го простат.

А Заев и натаму си тера со Албанците кои за него се главни фактори во регионот. Така му велеше на Тачи во пораките кога му се фалеше дека го подготвуваат повисоки од надвор. А дека има пакет кој им се сервира, се гледа и по тоа дека целта на Заев не е само уривање на оваа „недемократска“, „тоталитарна“, „ненародна“ власт, туку и двојазичност на целата територија и промена на името на државата кое треба да ја отсликува мултикултурата. Да беше проблем само Груевски, Заев немаше да отвора прашања како двојазичност и промена на името. Јасно се гледа дека оние што му помогнаа за бомбите барале нешто за возврат, барале уништување на с` што е македонско. Никој нема против Албанците, но со оваа луда игра на Заев не може да се исклучи влошување на меѓуетничките односи. Можеби тоа е и целта на планерите. Ќе видиме.

Ирена Радовановиќ за ДНЕВНИК

 
 
18.11.2016 - 09:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега