Ставен под контрола пожарот кој му се закануваше на „Јесен“

 

Пожарот во атарот на селото Чајлане утрово е ставен под контрола и е спречено негово ширење кон националниот парк „Јасен“, информира Центарот за управување со кризи.

Огнот избувна вчера попладне и беше локализиран, но околу 21 часот синоќа повторно се активираше. Зафатени се сува трева и мешана шума, како и ниска вегетација во кругот на ловиштето Јасен.

Во гаснењето на пожарот учествуваа екипи на Бригата за противпожарна заштита на град Скопје, Шумското стопанство Караџица и Националниот парк Јасен.

Центарот за управување со кризи упатува апел до граѓаните да внимаваат при посети на отворени места или при работни активности во шумите и други локации кои се со обрасната или необрасната шума и да не користат запаливи материи, кои можат да предизвикаат пожар од пошироки размери.

Доколку забележат одредени сомнителни места во кои е присутен оган или чад, граѓаните веднаш треба да ги известат надлежните служби во најблиските институции и установи или да се јават на телефонскиот број 195, како број за итни повици на Центарот за управување со кризи. 

06.08.2013 - 12:58

најчитано сега