Меѓународен семинар за телемедицина во Скопје

Различните стандарди на државите членки на НАТО е еден од поголемите проблеми за телемедицинска комуникација, оцени денеска Карла Сиднеј Стоун извршна директорка на Светскиот трговски центар Делавер на меѓународниот семинар за телемедицина што се одржува во Скопје. 

- Главната цел на настанот е да направиме една заедничка дискусија на проблемите коишто се однесуваат на телемедицината. Проблемот во телемедицината е во тоа што сите држави членки на НАТО имаат различни стандарди, а овие три дена ќе дискутираме за начинот како да се надминат тие проблеми и да се имплементира во самите државни сектори. Голем проблем е тоа што нема доволно обучени луѓе за телемедицината, и тоа не само во источно европскиот и балканскиот регион току и надвор од Европа, изјави Стоун.

Како пример таа го посочи случајот во Хаити каде што после ураганот луѓето во такви ситуации немале можност да добијат медицинска помош, и нагласи дека токму ваквите семинари ќе помогнат да се надминат тие проблеми.

Според претседателот на Атлантскиот клуб на Бугарија, Соломон Паси, телемедицината има воена и цивилна примена. Осврнувајќи се на интеграцијата на Македонија во НАТО, рече дека попрво Алијансата ќе влезе во Македонија, отколку Македонија во НАТО.

- Се радувам, а и се надевам, дека од посетата на претседателот на САД Барак Обама во Грција ќе има напредок и забрзување на процесот за членство на Македонија во НАТО, додаде Паси.

Претседателот на Македонско - бугарската стопанска комора Зоре Темелковски изрази благодарност до предавачите за, како што рече, заложбите коишто ги прават за Македонија во насока на имплементацијата на стандардите и влегувањето во НАТО и ЕУ.

Во следните три дена на семинарот ќе учествуваат претставници од 12 држави од академската зедница, медицинари и претставници на ИТ компаниите. Семинарот е во организација на ПанЕуропа Бугарија, Истражувачкиот центар за безбедност, одбрана и мир и меѓународен развој и техничка помош ДОО на САД со поддршка од НАТО Наука за мир и безбедност.

 
 
15.11.2016 - 20:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега