Македонците трети во светот по гледање телевизија - “окапуваме“ пред телевизор по 4 и пол часа

Македонската публика минатата година гледала телевизија во просек по 4 часа и 34 минути дневно. Оваа минутажа ги сместува Македонците во самиот врв на “ТВ-манијата“.

Првото место веќе неколку години е резервирано за Србите, кои си се шегуваат на своја сметка и велат дека освен што се „најтелевизични“, тие се и најчитани во светот затоа што никој не прочитал толку титлови од турски серии. Веднаш зад нив се Американците, кои гледаат телевизија дневно по 4 часа и 36 минути.

Во последните пет години, Македонците поминуваат се повеќе време пред телевизорот. Најмалку сме гледале телевизија во 2008 година - 260 минути, а, потоа таа минутажа почнала да расте. Единствено пад се забележува минатата година, кога Македонците поминале 274 минути пред телевизор, што е за 14 минути помалку отколку во 2011 година.

Според податоците од Советот за радиодифузија, во Македонија, најмногу време пред телевизор поминува населението постаро од 65 години (16,12 % од публиката), а веднаш зад нив се граѓаните што ја поминале 40-тата година.