ПССЕ изрази загриженост поради последните случувања во Турција

Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа при Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) денеска изрази „длабока загриженост“ во врска со последните случувања во Турција, по неуспешниот државен удар од 15 јули, јави дописникот на МИА.

Апсењето на десет пратеници на курдската Демократска партија на народите (ХДП), вклучително и на копретседавачите Селахатин Демирташ и Фиген Јукседаг, и привременото задржување на двајца коградоначалници на Дијарбекир и други градоначалници од оваа партија, според ПССЕ, се „исклучително вознемирувачки“ и претставуваат „загрозување на функционирањето на демократските институции“.

Сите овие избрани функционери мора, поради тоа да биде веднаш ослободени. Овие случувања само ја зајакнуваат загриженоста од изразена од страна на ПССЕ во јуни 2016 година во Резолуција 2121 (2016), по одлуката на Турција за укинување на имунитетот на 139 пратеници, што ја загрози слободата на изразување на пратениците гарантирана со Европската конвенција за човекови права, се наведува во реакцијата.

Комисијата за мониторинг, исто така, потсетува на последното мислење усвоено од страна на Венецијанската комисија, која го критикуваше времето и образложението на оваа постапка.

Комисијата на ПССЕ поставува сериозно прашање во однос на спроведувањето на вонредната состојба, вклучувајќи го и масовното и континуирано отпуштања на државните службеници и вработени во судството.

Апсењето на новинарите на „Џумхуриет“, осомничени за заговор со ПКК и движењето на Фетула Ѓулен, неодамнешното затворање на 15 нови курдски медиуми и ограничувањата на автономијата на универзитетите. само придонесоа за замолчување на дисидентските гласови и за создадавање на клима на страв, недоверба и поларизација, оценува ПССЕ.

На крајот, Мониторинг комисијата на ПССЕ изразува шокираност од продолжување на дебатата за враќање на смртна казна во Турција, која е некомпатибилна со статусот на земја членка на Советот на Европа.

Комисијата на ПССЕ, како што се вели во соопштението, е добро свесна за проблемите на Турција, која се соочува со постојани напади и неповолен геополитички контекст.

Меѓутоа, ПССЕ ја повика Турција да се воздржи од секоја иницијатива, која може да влијае врз спроведувањето на своите обврски кон Советот на Европа. Комисијата повикува на укинување на вонредната состојба во најкус можен рок и бара целосна имплементација и целосно почитување на Европската конвенција за човекови права.

Притоа , Мониторинг комисијата бара коизвестувачите на Парламентарното собрание да ја следи ситуацијата во Турција и да ја посетат земјата, колку што е можно поскоро. 

 
 
09.11.2016 - 17:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега