Доживотен затвор за поранешниот началник на турскиот Генералштаб

Турски суд денеска го осуди поранешниот началник на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, Илкер Башбуг на доживотна затворска казна, под обвинение за учество во заговор за уривање на Владата на Реџеп Тајип Ердоган.

Претходно, Судот од истото обвинение ослободи 21 од вкупно 275-те осомничени воени офицери, адвокати, академци и новинари.

Тие се обвинети за „членство во терористичка организација, незаконско поседување оружје и поттикнување на вооружен бунт“ против Ердоган и неговата исламистичка Партија на правдата и развој (АКП).

Обвинителниот акт има 2.455 страници и со него осомничените се товарат за членство во органзиацијата Ергенекон, како и за серија напади и политичко насилство.

Турската секуларна опозиција го осуди процесот, кој почна во 2008 година, нарекувајќи го „лов на вештерки“ со цел да се замолчат критичарите на власта.