ВМРО-ДПМНЕ подготвува пратенички листи кои ќе гарантираат 63 пратеници

Со комбинација на проверени и свежи кадри ВМРО-ДПМНЕ ќе ја бара довербата од граѓаните на изборите на 11 декември.
Партиски извори за Press24 велат дека подготвувањето на листите тече со вообичаена динамика и внимателно се избираат кадри кои ќе и обезбедат на партијата да стигне до зацртаната цел, апсолутно мнозинство од 63 пратеници.
Неофицијалните најави се дека на носителските позиции ќе се појават добро познати кадри, кои биле дел од законодавната и извршната власт и лица кои се добро прифатени од партиското членство и важат за вредни теренски работници.
Извесно е дека Груевски ќе биде носител во првата изборна единица, каде што традиционално ја бара довербата на граѓаните. Нашите извори велат дека во ВМРО-ДПМНЕ постои консензус дека лидерот треба секогаш да ја носи изборната единица во главниот град. И самиот Груевски на новинарско прашање потврди дека ќе биде кандидат на претстојните избори.
За изборите кои требаше да се одржат во јуни, ВМРО-ДПМНЕ за втората изборна единица го најави Никола Попоски. Актуелниот министер за надворешни работи, според партиските анализи одлично котира меѓу гласачите во втората изборна единица, па не се исклучува токму таму да ја бара довербата.
Речи си извесно е дека за прв пат довербата во третата изборна единица од најголемата македонска партија ќе ја добие последниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. ВМРО-ДПМНЕ од оваа изборна единица очекува најголем број на пратеници, па затоа истрчува со проверен теренски играч кој ќе има капацитет да ја понесе кампањата во источна Македонија.
За четвртата изборна единица, каде исто така партијата очекува значителна разлика во бројот на гласачи, се шпекулира со името на актуелниот министер за здравство Никола Тодоров.
Во петката веќе неколку изборни циклуси по ред, ВМРО-ДПМНЕ довербата му ја дава на Антонио Милошоски кој пак за тоа враќа значителна предност пред СДСМ и голем број пратеници. Така се очекува да биде и на овие избори.
Во шестката за прв пат влегува Влатко Ѓорчев. Ако се потврди неговата кандидатура, ВМРО-ДПМНЕ во тетовско гостиварскиот изборен регион каде доминираат етнички Албанци ќе истрча со кадар кој потекнува од потврдото десничарско крило во партијата и важи за човек кој силно се залага за демохристијанските вредности.
Од партијата официјално ниту ги потврдуваат ниту демантираат овие информации. Велат дека листите ќе ги поднесат во законски предвидениот рок, 11 ноември, а во меѓувреме, додаваат дека се прават анализи, за да се најде тимот кој ќе донесе 63 пратеници на 11 декември.

 
 
02.11.2016 - 11:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега