СДСМ крои листи: Никој не сака против Груевски

Медиумите блиски до опозицијата по налог на СДСМ почнаа да го сондираат теренот пред опозицијата да ги објави конечните листи со кандидати за пратеници за изборите на 11 декември.
Додека позициите зад носителот се горе – долу договорени, отворени остануваат носителските позиции, кои треба да повлечат гласачи на соочувањето со граѓаните.
Откако на Бихаќка стана јасно дека излетот на Заев во албанскиот етнички блок предизвика катастрофа кај македонското гласачко тело, лидерот на СДСМ почна се подготвува за ретерирање па не се исклучува можноста, да влезе во изборната трка како носител во четвртата изборна единица. Извори од СДСМ велат дека на Бихаќка се во дилема, дали лидерот да ја предводи четворката во чиј склоп е и општина Струмица, особено ако се знае дека на последните избори таму доживеа пораз. Пораз и на овие избори би бил силен ветер во грбот на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори каде може да се случи промена на локалната владејачка структура.
Дел од членството инсистира Заев да излезе на мегдан со Груевски во првата изборна единица, но сондажите покажале дека на тој начин, СДСМ ќе има повеќе штета отколку добивка, бидејќи би се загубиле потенцијални гласачи во останатите изборни единици каде Заев би можел да биде носител на листа.
Проблем е и позиционирањето на Радмила Шеќеринска. Поставувањето на заменик претседателката во петтата изборна единица, за дел од партиските функционери претставува бегство од матичната изборна единица, што всушност е признавање на пораз уште пред да почне битката. Од друга страна, Шеќеринска во скопските изборни единици никогаш во својата политичка кариера нема направено добар резултат а меѓу гласачкото тело важи за дежурен губитник и политичар кој го има доживеано рекордниот пораз во една изборна трка.
Сепак, калкулациите се дека некој од лидерскиот двоец мора да истрча во првата изборна единица, па се очекува, Шеќеринска како кадар од Скопје да му се спротивстави на Груевски, а Заев да се реши меѓу четворката и шестката.
Се калкулира и за втората и третата изборна единица. Иако најавата беше дека Спасовски, како генерален секретар на партијата ќе се бори во тројката, последните информации велат дека се вршат сондажи тој да влезе во изборната трка како носител на двојката, од каде што и потекнува. Анализите покажале дека Спасовски лошо стои меѓу граѓаните на својот град Куманово, кој воедно е и најголема општина според бројот на гласачи, а СДСМ не сака да ја загуби.
За шестата изборна единица, доколку Заев реши да не оди на „албанската екскурзија“ СДСМ планира албански кадар. Во игра е професорот Мерсел Биљали, кој важи за силен поддржувач на опозицијата а партијата во изминатите години го користеше како т.н. независен експерт.
Во двојката се споменуваше како може носител и екс амбасадорот Никола Димитров кој се врати на политичката сцена како жесток критичар на власта, што му заработи место на пратеничките листи на СДСМ пред партиските членови. Сепак, тоа предизвикува револт во општинските одбори на партијата, па раководството прави напор да издејствува нивна поддршка за Димитров, доколку се јави потреба тој да биде носител во двојката.
Извесно е дека на листите 4 места ќе добијат членовите на Шарената револуција за сметка на помалите коалициони партнери, чии кадри ќе бидат спуштени на пониски позиции, односно ќе им биде дадена по само една сигурна позиција.

Конечните листи СДСМ најави дека ќе ги објави на Конгресот закажан за во недела на 6 ноември.

 
 
02.11.2016 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега