Груевски: Изградена делницата Мокрино-Смолари - наместо трактори нов пат

Порано со теренски возила и трактори, сега нов, модерен регионален пат за брзо поврзување помеѓу Мокрино и Смолари. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, преку својот Фејсбук профил информира дека се исполни едно од големите барања на граѓаните од овој регион.

„Ова беше едно од најголемите барања на граѓаните кое сега е реализирано. Дополнително со изградбата на овој правец се скратува времето за патување кон границата со Бугарија, а од друга страна се поврзуваат десетина населени места од струмичкиот регион. При мојата посета и одбележувањето на почетокот на градба во август, минатата година, жителите посочија дека еневозможно да се патува со автомобил по земјениот пат кој ги поврзуваше овие две населени места, поради што се принудени да заобиколуваат по патишта долги десетици километри. Тоа е сега минато. Жителите добиваат модерен регионален пат од 4 километри за што се инвестираше над 1 милион и 200 илјади евра.

Инвестициите во нови патишта продолжуваат. Континуирано се работи на реконструкција на регионалниот пат Струмица – Ново Село – Граница со Бугарија во должина од 10 километри и инвестиција некаде околу 1 милион евра, а исто така се работи и на реконструкција на регионалниот пат Попчево – Белотино – Рич во должина од 9 километри и инвестиција од околу половина милион евра. А следната година ќе се започне и со изградба на регионалниот пат од Старо до Ново Коњарево во должина од 4 километри и инвестиција 1.3 милиони евра. Ова се реалните потреби на граѓаните, нашата работа преставува одговор на тие потреби“, напиша Груевски.

 
 
19.10.2016 - 09:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега