Отчет на ВМРО-ДПМНЕ: Инвестиции, работни места, грижа за ранливите категории

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ дава отчет за сработеното. Партијата во изминативе десеттина година спроведе стотици мерки и проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, од економија и социјала, до култура, образование, спорт. Милиони евра се вложуваат во инфраструктура, во нови патишта и железница, авиотранспортот е значително олеснет,  отворени се 160 илјади нови работни места, зголемени се платите и пензиите, се инвестира во објекти од заеднички интерес. Македонија се менува на подобро, анализира Лидер.

Нови 160 илјади работни места!

Со стратегијата за привлекување странски инвестиции, поддршката и стимулациите за домашните фирми преку активните мерки за вработување, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ успеа да ја намали стапката на невработеност на 24%. За потсетување, стапките на невработеност во 2003, 2004 и 2005 година, во времето на СДСМ, изнесуваа 36,7%, 37,2% и 37,3%.

Само странските компании досега имаат креирано 17 илјади работни места, а до крајот на годинава оваа бројка ќе се искачи на 18 илјади.

„До крајот на ноември очекуваме уште неколку компании да донесат позитивни одлуки за инвестирање во Македонија. Јас сум оптимист дека во следните шест до осум недели ќе имаме нови инвестиции“ – вели директорот на слободните зони, Виктор Мизо.

Невработеноста се намалува, а се зголемуваат платите, се подигнува и животниот стандард.

„Сè се сведува на многу работа, знаење и посветеност. Суштината е и во карактерот на луѓето кои се занимаваат со економските политики. Суштината е во креирање на инвестиции. Не е едноставно да создадеш поволна бизнис клима. Треба да се детектираат проблемите и да се работи, ние со години работиме на многу фронтови“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Ниски даноци и акцизи, намалени трошоци за работи, поволности за ангажирање работна сила, помош и логистика при извоз, евтини кредитни линии. Владата на ВМРО-ДПМНЕ покажа дека ги разбира бизнисот и потребите на домашните компании.

„Веруваме во способноста на приватниот сектор кој е единствениот кој креира додадена вредност. Даночната политика оди во прилог за креирање услови за развој и проширување на капацитетите, за воведување нови технологии“ – изјави министерот за финансии, Кирил Миноски.

Грижа за социјалните категории

За разлика од порано, кога имаше доцнење во исплатата на платите, пензиите, социјалните трансфери, сега парите се префрлаат редовно, а сумите се зголемени. Пензиите во време на ВМРО-ДПМНЕ се повисоки за над 70%, а растот на најниската пензија изнесува цели 90%.

„Од 2006 година спроведовме многу мерки за пензионерите. Највозрасните граѓани дотогаш беа на маргините на општеството. Нашата заложба беше да им се подобри животот. Нема да застанеме тука и ноемвриската пензија повторно ќе биде зголемена за 5%. За разлика од порано, сега пензиите редовно се исплаќаат“ – порачува дополнителниот заменик – министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Зголемени се и социјалната и постојаната парична помош, на социјално загрозените категории (околу 15 илјади домаќинства) им се отпишаа долгови во износ од 30 милиони евра.

Рекорден износ за земјоделски субвенции

Земјоделците не се оставени сами на себе. Им се помага да дојдат до европските пари за модернизација на аграрот, се реализира проектот за набавка на новамеханизација за поголема ефикасност, се градат пристапни патишта до нивите, се вложува во водоводна и канализациона инфраструктура. Само за субвенции од 2006 досега се исплатени над милијарда евра.

„Податоците покажуваат дека во 2005 имало 10 илјади евидентирани земјоделци, а денес во регистарот има 100 илјади. Со сетот мерки кои ги презедовме се овозможи самовработување за земјоделците и проширување на бизнисот. Има субвенции за набавка на добиток, за земјоделска механизација, се обезбеди достоинствен начин на живот за земјоделците пензионери“ – објаснува заменик – министерот за земјоделство, Ванчо Костадиновски. 

Повеќе од милијарда евра во инфраструктура

Над милијарда евра се вложени во инфраструктура, во изградба на нови автопати, експресни, магистрални, регионални и локални патни правци, во изградба на железничка пруга кон Бугарија. Во овој момент, на терен се повеќеод 3 илјади градежни работници, па оттука и не треба да изненадува што градежништвото останува да биде главен двигател на македонската економија. Владата не се откажува од стратегијата преку висок износ на капитални инвестиции да го стимулира стопанството, и за в година е планирана изградба на нова патна инфраструктура.

„Ако сега имаме околу 3 илјади градежни работници кои работат на патиштата низ државава, со новите експресни патишта што ќе ги изградиме ќе ја зголемиме оваа бројка за двојно. Од 2006 досега е реконструирана над 1.369 километри патнамрежа. Завршиме 404 локални патишта, а сега сме фокусирани на поголемите проекти кои бараат и повеќе време за проектирање“ – вели министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Во Македонија како никогаш досега се градат три нови автопати, од Демир Капија до Смоквица, од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид. Од Ранковце до Крива Паланка ќе се вози по експресен пат.

Активно се работи на пругата кон Бугарија, а оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, го оствари деценискиот сон за патување со нови, модерни возови, кои ќе застанат на обновени перони и железнички станици. За приватните компании, големи извознички, се набавија нови товарни вагони за полесен и поефикасен транспорт.

Нови училишта и студентски домови

За 10 години во образовна инфраструктура се вложени 120 милиони евра. Изградени се 74 нови училишта, реконструирани повеќе од 400. Се обновува најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“, се набавува нов мебел, се прават перални и сушални, ќе се градат уште три целосно нови студентски домови. Партиципацијата за студирање е намалена од 400 на 200 евра.

„Како одминуваат годините, така доаѓаме до европскиот стандард. 71% од студентите кои се запишуваат на факултет го завршуваат високото образование. Образованието е еден од петте приоритети на Владата на ВМРО-ДПМНЕ“ – вели заменик – министерот, Спиро Ристовски.

Се вложува и во спортот. Се отворија нови спортски сали, се даваат стипендии и спортски пензии. Инвестирани се 37 милиони евра.

„Не е доволно само да се има талент, туку е потребно да има и услови, а вложувањето во спортска инфраструктура веќе ги дава првите резултати“ – вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.

Културата на пиедестал

Владата на ВМРО-ДПМНЕ инвестираше значителни средства во културниот развој на земјава. Се вложува во истражување на археолошките локалитети, во позиционирање на нашето културно наследство во светски рамки, во изградба на нови театри, музеи, во нова зграда на Филхармонијата.

„Од 2006 досега имаме вработување на 2 илјади луѓе, уметнички кадар во националните институции. Платите на уметниците се зголемени за 60%“ – вели министерката Канческа – Милевска.

 
 
17.10.2016 - 09:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа