Осветена црквата-крстилница „Св. Наум Охридски“ во Делчево
Со свечена литургија со која чиноначалствуваше митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион денеска во Делчево е осветена нова црквата-крстилница „Св. Наум Охридски“.
На свечениот чин присуствуваа повеќе верници од Делчево и од околните села, меѓу кои и градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански.
Во утрената богослужба и литургијата учествуваше и црковниот хор „Успение на Пресвета Богородица“ од Пробиштип под диригентство на Венцислав Алексов.
- Од денеска Дечево и делчевчани се побогати за едно духовно светилиште во кое ќе се вршат венчавки и крштевки. Овој празник не е само црковен празник на светицата Св. Марија Магдалина туку и празник на сите верници и граѓани од овој град што со гордост го носи името на големиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, рече во својата беседа господин Иларион.
Деновиве, како што рече, кога ги чествувавме илинденските и асномските настани за жал се одбележува и 100-годишнината од неславниот или кобниот Букурешки договор кога Македионија е распарчена.
- Но, нашата вера во идеалите на илинденците и борците од НОВ никогаш не престана и трудољубивиот македонски народ опстојува свој на своето, со вековната наша црква и татковина Македонија, нагласи господин Иларион.
За сите гости на свеченоста имаше заеднички ручек.
ФОТО: delcevodenes.mk