Аџиев: Никој не е лустриран без докази

Претседателот на Комисијата за верификација на фактите Томе Аџиев, во интервју за „Радио Слободна Европа“ вели дека има докази за сите што се лустирани. 

Аџиев, во интервјуто за „Радио Слободна Европа“ зборува за лустрирањето на починатиот писател Славко Јаневски и за реакциите кои следуваа:

- Законот ги опфаќа и тие личности и затоа ги лустриравме, не е нешто посебно, имаме и други такви починати личности и не се крена толку прашина. Комисијата согласно законот и деловникот што го има, сите лица што ги проверуваме доколку се починати нивните имиња и презимиња не се објавуваат. Наеднаш тие личности кои дополнително подоцна како соработници излегоа во јавноста и го обелоденија тоа име, што е многу симптоматично. Дали тие намерно го обелоденија за да се крене прашина, очекувајќи, знаејќи што работеле претходно, па дека и тие можеби ќе дојдат на дневен ред па го обелоденија тоа за да се крене таа голема прашина, како што кажувате вие, за да се скрати тука некоја нивна понатамошна обработка. Инаку, ние тие лица ги поминавме во процесот на лустрација бидејќи за нив постојат документи, ништо повеќе, објаснува Аџиев.

 

 Знаевме дека ова е болен процес, кој ќе донесе реакции објаснува Аџиев, додавајќи дека Комисијата за верификација на фактите ја напаѓаат оние кои сакаат да се спасат од лустрација.

- Нека повелат да кажат дека Комисијата ова го измислува, ова го додава, ова го преправа, ова го фалсификува, па нека повелат, нека го извадат. Ако најдат дека и една запирка е направена во спротивно со законот, стоиме на располагање и на одговорност. Гарантирам и стојам зад тоа дека Комисијата работи исклучиво по законот и исклучиво врз основа на документите кои ги добива од четирите надлежни институции и ништо повеќе, не можеме ништо повеќе да направиме врз основа на нешто што не е во тие документи па да спроведеме постапка, напротив, сè што е во тие документи тие можеме да го обелодениме, тие постојат, вели Аџиев за Радио Слободна Европа.  

 

ФОТО: Курир

најчитано сега