Средба Иванов-Иваниќ: Соработка и поддршка за исполнување на стратешките цели

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Младен Иваниќ, член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој престојува во работна посета на Република Македонија.

Двајцата соговорници констатираа добра билатерална соработка меѓу двете земји, без отворени прашања, и изразија заемен интерес за јакнење и продлабочување на соработката во сите сфери од заеднички интерес.

На средбата беа разменети мислења за состојбите во регионот, во контекст на актуелните предизвици и неговите евроатлански перспективи. Членот на Претседателството, Иваниќ,  го запозна претседателот Иванов со актуелните политичко-економски состојби во Босна и Херцеговина и со клучните предизвици на земјата во наредниот период.  Во таа насока, беа реафирмирани заложбите за натамошна меѓусебна помош, поддршка и соработка, со цел побрзо исполнување на стратешките цели на двете земји.

Соговорниците разменија информации за престојаните состаноци на регионалните иницијативи во која учествуваат двете земји, како и предлог-идеи за унапредување на регионалната и соработката на мултилатерален план. Притоа, беше изразена  загриженост од одредени ретроградни процеси, кои во актуелниот момент, кога Европа и регионот се соочуваат со сериозни безбедносни предизвици, можат дополнително да ги влошат состојбите и односите во регионот.

Претседателот Иванов ја нагласи подготвеноста на Република Македонија за натамошно унапредување на односите со Босна и Херцеговина и за продлабочување на соработката особено во областа на економијата и безбедноста. Економската соработка, констатираа двајцата соговорници, не го следи нивото на политичките односи меѓу двете земји, ниту пак соодветствува со реалните можности и капацитети.

Заемен е заклучокот дека е неопходно низ дијалог и забрзана интеграција, како и со фокусираност на крупни инфраструктурни поврзувања, да се дојде до политичка, економска и безбедносна консолидација во регионот на југоисточна Европа. Воедно, претседателот Иванов го реафирмираше интересот за официјална посета на тројцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина на Република Македонија.

           

 
 
06.10.2016 - 15:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега