Жерард: Заминувањето на Суарез би било погубно за Ливерпул

Капитенот на Ливерпул Стивен Жерард изјави дека пласманот на неговиот тим следната сезона ќе зависи од одлуката на Луис Суарез дали ќе остане или ќе го напушти „Енфилд“.

- Во конкуренција на Манчестер Јунајтед, Челзи и Манчестер Сити, тешко е да се обезбеди пласман во големата четворка. За последното место и влез во Лигата на шампионите конкурираме ние, Арсенал и Тотенхем, но дали ќе имаме реални шанси зависи од одлуката на Суарез за неговиот иден ангажман, истакна Жерард.

Тој додаде дека евентуално „губење“ на Уругваецот од тимот ќе значи големо ослабување, а посебно погубно за Ливерпул би било одењето на Суарез во големиот ривал Арсенал.

Капитенот на „црвените“ упати апел до раководството да го задржи уругвајскиот репрезентативец и да направи напор за носење на уште едно до две квалитетни засилувања со што значително би се зголемиле шансите за висок пласман.