Расте салдото на странски инвестиции и во време на политичка криза

Расте салдото на странски директни инвестиции во Македонија. Народна банка пресмета дека до јули во земјава се влезени над 171 милион евра странски капитал, за 12,2 милиона повеќе во однос на истиот период од минатата година, пишува Лидер.

Анализирано по месеци, најмногу странски инвестиции влегле во февруари, односно над 45 милиони евра, додека во март салдото изнесувало 37,5 милиони. Во јули, последниот месец од пресметката, во Македонија се влезени 27,4 милиони евра.

Македонија успева и во време на политичка криза да привлече странски инвестиции, иако приливот е забавен, што беше нотирано и на Светска банка.

-Во Македонија, ефектите на продолжените политички превирања и несигурноста во однос на изборите почнуваат да ја ослабуваат економијата. Иако СДИ се донекаде отпорни тука, сепак домашните инвестиции драстично се намалени, велат од Банката.

Сепак, изгледите се позитивни, бидејќи разрешницата на политичката криза се очекува да доведе до политичка стабилност и враќање на старите патеки. 

Довербата на странците не е нарушена!

Странците не ја губат довербата во потенцијалите на македонската економија, напротив, се зголемуваат производството и извозот на компаниите од слободните економски зони, а расте и вработеноста. Паралелно, во тек е изградба на нови капацитети кои се очекува да дадат дополнителен импулс на домашното стопанство.

-Постоечките инвестиции се прошируваат, се вработуваат нови луѓе и тоа е доказ, форма на доверба, вели првиот човек на македонско – германската стопанска комора, Мартин Кнап.

И покрај политичка криза, последната анкета на Германската стопанска комора во земјава покажа дека германските компании не се откажуваат од Македонија. 75% од членките на Комората одговориле позитивно на прашањето дали повторно би ја избрале Македонија како земја за инвестирање. 

Синергија меѓу домашните и странските компании

-Македоската економија има потенцијал за развој под влијание на инвестициските приливи. Понатамошната соработка меѓу странските и домашните компании ќе биде движечка сила на економијата на земјава, велат аналитичарите од рејтинг агенцијата „Стандард и Пурс“.

Оттаму очекуваат да се создаде силна синегрија меѓу компаниите од слободните економски зони и домашните компании, што ќе биде двигател на развојот и ќе влијае на понатамошно намалување на стапката на невработеност. Повеќе од 500 домашни фирми веќе активно соработуваат со странските инвеститори и годишно инкасираат и до 50 милиони евра, што влијае на креирање индиректни работни места.

-Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

Македонските компании се вклучени во добавувачкиот синџир на странските инвеститори, ангажирани се за изградба на производствените хали и погони, за сервисирање и изработка на делови за машините, вклучени се во транспортот, логистиката, осигурувањето, кетерингот.

-Најактуелно е да ги вмрежиме странските со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити, вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија, Јелисавета Георгиева.

-Кога македонските фирми стауваат дел од синџирот на добавувачи на глобалните компании, тие добиваат и пристап до глобалниот пазар преку постоечкиот синџир на добавувачи на мултинационалните компании, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Растат извозот, вработеноста и платите

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во седумте месеци од годинава извозот на стоки забележал раст од 5,1%. Од слободните економски зони, пак, во 8-те месеци од годинава се извезени производи во вредност од 1,1 милијарда евра, што претставува 40% од вкупниот извоз на земјава. Извозот од слободните зони е зголемен за 18,6% во однос на истиот период лани.

-Она што е особено важно да се посочи е дека растот на извозот е придружен и со промена на неговата структура, кон производи со повисока додадена вредност. На пример, кај извозот на машини и транспортни уреди на годишна основа се забележува раст од 24%. Тоа е производи кои порано ги немало во структурата на извозот или истите имале незначително учество, објаснува министерот за финансии, Миноски.

Само во слободните економски зони се очекува до крајот на годинава да бидат вработени повеќе од 7 илјади луѓе.

-Новите странски инвестиции почнаа да работат со домашните компании, а домашните инвеститори сè повеќе стануваат свесни за новите можности за соработка со фабриките на големите конгломерати. Индиректно, ваквите отворања на нови работни места постепено ќе доведуваат до притисок на пазарот на работна сила во правец на зголемување на платите на работниците. Ова ќе се случи затоа што колку помалку има невработени, толку повеќе ќе расте цената на трудот. Ова ќе значи подигнување на заработувачката и на животниот стандард на населението, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

ММФ во последната оценка за земјава посочи дека македонската економија издржа бројни шокови, вклучувајќи ја и долгата политичка криза, но економскиот раст, иако намален, покажал отпорност како резултат на странските компании и подобрувањето на условите на пазарот на труд.

 
 
04.10.2016 - 08:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега