Анкетите и аналитичарите најавуваат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во декември
На 70 дена пред изборите политичките аналитичари со поделени мислења. Додека едни сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ уште од сега може да ги прави плановите за формирање на новата влада, други велат дека до 11 декември, се може да се случи.
Политичкиот аналитичар Александар Пандов вели дека на македонските граѓани веќе години наназад им е јасно, кој што нуди на политичката сцена. Според него, граѓаните гласаат за квалитетна програма, подобар живот и за политичката опција која го реализира она што ќе го вети
„Ако во декември, дај Боже се одржат избори, ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе освои околу 500.000 гласа, а СДСМ некаде под 300.000, можеби околу 250.000 гласови. Тоа во пратеници значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има над 60 претставници во Собранието а СДСМ околу 30.“ – вели Пандов.
За разлика од Пандов, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу вели дека не треба да се брза со прогнози. Според него, до изборите има уште многу време, во кое партиите ќе можат значително да влијаат врз гласачите
“Карактеристика на нашиот избирачки корпус е кратката политичка кондиција. Кај нас и последните моменти влијаат врз гласачите. Самиот факт дека и во последните 18 месеци сме имале големи промени во расположението на гласачите, фактот дека ни престојат уште 2 месеци до изборите, значи дека се е можно. Верувам дека и партиите ќе се вклучат поактивно и таа политичка, кампањска битка ќе биде уште пожустра“ – вели Муслиу.
Кога станува збор за очекувањата од изборите, политичките аналитичари имаат прилично константни ставови. Најголемиот дел од нив, немаа проблем уште не почетокот на овој месец да излезат со прогнози, според кои, поголеми промени на 11 декември, не треба да се очекуваат.
„Негативната кампања која што ја води СДСМ уште од 2008 година па навака, може да нанесе одредена штета на партијата кон која што е насочена, а и не мора, но во никој случај не може да привлече нови гласачи за самата партија. Тоа се покажа и на изборите, тоа се покажува и во истражувањата на јавното мислење, вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.
-Доколку сакаат да ја зголемат својата база на гласачи, односно да ги зголемат симпатизерите кои би излегле и би гласале за нив, треба да дадат една понуда, односно да излезат со една позитивна кампања која што би можела да привлече дополнителни гласачи. Се разбира, таа кампања треба да е издржана, не може само да ветувате, без притоа да го образложите тоа, рече Божиновски во изјава за Канал 5.
Според аналитичарот Петар Арсовски, сите анкети направени и по објавувањето на прислушуваните материјали покажуваат дека овие активности на опозицијата не придонесоа за промена во рејтинзите.
-Овие бројки се статични на македонската политичка сцена веќе подолг период. Повеќе анкети имаше од моментот на објавување на снимените материјали до сега, а рејтингот на партиите се менуваше многу малку. Ќе видиме што ќе се случува до изборите, бидејќи ние сега од СЈО добивме две обвиненија, така да јас очекувам тоа да се засили во наредниот период и тоа да влијае на бројките. Секако, не очекувам драматични промени на 11-ти декември и мислам дека периодот на расчистување на македонската политичка сцена допрва доаѓа, по 11-ти декември, вели Арсовски.
Тој смета дека активностите на терен на раководството на ВМРО ДПМНЕ има голема влијание врз перцепцијата на граѓаните за тоа кој ги остварува ветените проекти.
-Секако дека владејачката партија со овие прес-конференции кои што ги прави на терен и со активната нарачка на проекти кои треба да се спроведат на терен, дека придонесува за својот рејтинг, вели Арсовски.
Со сличен став се и граѓаните. Преку последната анкета на институтот Павел Шатев тие ги потврдуваат експертските ставови. Според нив, поголеми промени на политичката сцена по изборите во декември не треба да се очекуваат. Над 40% анкетирани очекуваат победа на ВМРО-ДПМНЕ наспроти 15,6% кои сметаат дека ќе победи СДСМ.
Рејтингот на владејачката партија според анкетата изнесува близу 26% додека за СДСМ би гласале нешто под 16%.
Довербата во Груевски надминува 28,2% а во Заев веруваат нешто под 9% анкетирани.
Над половина граѓани сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ би овозможила поголем економски напредок за државата наспроти 25% кои веруваат во СДСМ.
Близу 60% граѓани би избрале владејачката партија да ја води економијата наспроти нешто над 25% кои би се одлучиле за СДСМ.
Анкетата на институтот Павел Шатев е спроведена телефонски во периодот од 26 до 29 септември, врз репрезентативен примерок од 1260 испитаници
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа