Градоначалникот Трајановски ги претстави транспортните проекти во Софија

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска се обрати на првата средба на главните градови на државите од централна и источна Европа и Кина (16 + 1), што се одржува во Софија, Бугарија.

Како што информира Град Скопје, во рамки на третиот панел фокусиран на транспортот, Трајановски информирал за приоритетните транспортни проекти, реализирани во текот на неговиот мандат.

- Активно со мојот тим работиме на проширување, обнова и изградба на плоштади, булевари, улици, кружни текови, паркиралишта, катни гаражи, комунална инфраструктура. Обновени се 90 проценти од возниот парк на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и набавена е најсовремена механизација за другите градски претпријатија. Воведен е системот „smart ticketing“ во автобусите на градскиот превоз и АВЛ системот (Автоматска локација на автобусите за време на нивното движење), истакнал Трајановски.

Тој потсетил дека Скопје во 2014 година воведе модерен ЦУКС на 90 отсто од крстосниците во градот (Центар за управување и контрола на сообраќајот) за прибирање податоци за сообраќајот во реално време, управување со семафорскиот систем, визуелно набљудување на сообраќајот, давање приоритет на возилата од јавниот градски превоз и информирање на возачите.

- Формирањето на овој центар е дел од проектот за Автоматизирано управување на сообраќајот во Скопје, кој почна да се реализира на почетокот на оваа година и е финансиран со заем од Европската банка за обнова и развој во износ од 2,6 милиони евра, и грант од ЕУ ФП7 програмата за истражување и развој, во рамки на проектот ЦИВИТАС РЕНЕСАНСА (CIVITAS RENAISSANCE), во износ од околу 220.000 евра, истакнал Трајановски.

Информирал дека во изминативе години интензивно работеле и во делот на електромобилноста, енергетската ефикасност, воспоставување систем за изнајмување на електромобили и е-велосипеди, како и реализација на проектот „Скопје вело-град 2017“, со кој се планира цело Скопје да се поврзе со велосипедски патеки.

- Утврдена е динамиката на изведба на велосипедската инфраструктура и се очекува да има поврзаност од едниот крај до другиот крај на градот, 60 километри велосипедска инфраструктура во централното градско подрачје и 20 километри рекреативна патека по должината на кејот на реката Вардар, соопшти Град Скопје. 

Проектот „16 + 1“ се реализира на иницијатива на Владата на Кина, која има за цел да се поттикне соработката меѓу Кина и шеснаесет држави од централна и источна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Република Македонија. На средбата присуствувале градоначалници и заменици-градоначалници на главните градови од земјите на централна и источна Европа. 

 
 
27.09.2016 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега