Извештајот на СЈО пред пратениците - Јанева повторно не го призна Парламентот

 

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ја продолжи седницата на чиј дневен ред се извештаите на Специјалното јавно обвинителство и Јавното обвинителство. 

Вчера, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева откако ги слушна, одговараше на прашањата на пратениците. 

Јанева рече дека останува на својата изјава за нелегитимноста на Парламентот затоа што, како што кажа, во прислушуваните разговори се утврдиле основи за кривични дела за изборите. 

- Цврсто останувам на таа изјава затоа што во прислушуваните разговори и од јавно објавените разговори се утврди дека има основи за сомневање за сторени кривични дела против изборите. Затоа е поведена истражна постапка против повеќе лица. Врз основа на доказите се доведени во прашање сите изборни циклуси од 2012 до 2014 година, рече Јанева.

Ова искажување на Јанева пред Комисијата за политички систем доведе до бројни реакции на пратениците, а координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара таа да се повлече од Специјалното обвинителство. 

- Ова е преседан. Раководител на институција којшто е назначен во постапка спроведувана во Собранието на Република Македонија, да го оспори легитимитетот. Доколку го мислите тоа што го кажавте: прво, треба да се повлечете од функцијата која што ја извршувате, да ги вратите средствата коишто ова Собрание Ви ги дало и треба да кажете дека законот што сме го донеле врз основа на којшто работите е нелегитимен, рече Димовски. Доколку не го сторите тоа, потенцираше тој, ќе имам мислење дека Вие сте еден од коалициските партнери на СДСМ.  

СЈО, повтори обвинителката, има отворени истраги за изборни нерегуларности. - Јас не давам оставка. Немам намера да се повлечам. Ќе го довршам ова до крај. Не се плашам од никој, рече Јанева. 

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова ја праша специјалната обвинителка зошто од нелегитимни пратеници бара да и го продолжат мандатот и што се смени во меѓувреме во овие шест месеци кога требаше да го брани првиот Извештај, а таа не дојде во Парламентот, изјавувајќи дека тој е нелегитимен. Дали причината за тоа, според Рангелова, е ставањето потпис на Избирачкиот список од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Пратеничката кажа дека од новинари добила прашања за тоа дали е меѓу обвинетите во еден од случаите на СЈО, дека досега не добила никакво известување од ова обвинителство ниту, пак, дека била повикана на разговор. Праша зошто некои новинари добиваат информации за постапките и обвинетите во нивните случаи пред самите обвинети.   

Специјалната обвинителка, одговарајќи на прашања на пратениците поставувани во текот на денот, истакна дека досега никој друг нема доставено други незаконски прислушкувани материјали до СЈО.

- Апелирам, повторно, како и во Извештајот, доколку има такви прислушкувани разговори, да ни ги достави. Што се однесува и до прислушкуваните телефонски разговори што ги има Основното јавно обвинителство Скопје побаравме да ни бидат доставени, но се уште не ни се доставени. Имаме статистички извештај за доставените разговори од страна на опозицијата, кои се статистички попишани само на 619 страници. Нема транскрипти, одговори Јанева.

Одговор за наводите дека обвинители на СЈО нуделе поткуп на лица, Јанева рече дека треба да биде побаран во Јавното обвинителство бидејќи тоа е во негова надлежност.

- Нашата работа се однесува само на прислушкуваните разговори во периодот од 2008 до 2015 година, потенцираше таа. 

За забелешките дека за една година се преслушани само 12 проценти од прислушкуваните разговори, Јанева рече дека и таа е разочарана, а за бавноста наведе повеќе причини. 

- Од декември до април работевме и имавме предмети во истрага, но тогаш се случија несаканите помилувања од страна на претседателот на Република Македонија. Три месеци во однос на истрагите кои беа отворени воопшто не можевме да постапуваме. Работевме на други случаи, рече специјалната обвинителка.

Таа ги уверуваше пратениците дека идниот извештај на СЈО ќе содржи истраги и други постапки против повеќе лица. 

Пратеникот Рафиз Алити ја праша Јанева дали СЈО ќе ги преземе случаите „Монструм“, „Сопот“, протестите во Ѓорче Петров... Овие случаи, според Јанева, се се уште во предистражна постапка, но обвинителството односно Советот на јавни обвинители не му дозволува на СЈО да ги разгледа прогласувајќи го за ненадлежно.  

Во однос на повиците за истрага за градоначалникот на Струмица Зоран Заев за цената на превозот на ученици, Јанева рече дека одговорно тврди оти во тие 12 проценти преслушани разговори, нема разговори од струмичкиот градоначалник.

Во врска со случајот за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и наводите за влегување во неговиот дом без налог, Јанева рече тоа прашање пратениците треба да го упатат до Врховниот суд, бидејќи СЈО има поднесено барање за законитост. 

Специјалната обвинителка не одговори колкави се хонорарите на ангажираните советници и експерти посочувајќи дека тие се јавно објавени, како и за недостатоците во финансискиот извештај.  

Во претпладневниот дел од седницата на Комисијата за политички систем, специјалната обвинителка побара измена на Законот за Специјалното јавно обвинителство односно на членот 22 со што би се пролонгирал рокот од 18 месеци, за да може до крај да се истражи кој незаконски прислушувал во државата. Таа исто така повтори дека се потребни измени на Законот за заштита на сведоци, како и имплементација на препораките на Венецијанската комисија. - Важен е интересот на граѓаните, рече Јанева.

 
 
22.09.2016 - 08:11
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега