Што значат секој од степените според рихтер?

Вака изгледа описно дванаесетстепената сеизмолошка MSK скала за интензитетот на земјотресите, чисто да си знаете да можете отприлика да процените “уште колку фора имате”!

1^o - Незабележителен земјотрес, го регистрираат само сеизмолошките апарати, луѓето не можат да го почувствуваат.

2^o - Многу слаб земјотрес, го чувствуваат само исклучително чувствителните лица доколку се во состојба на мирување.

3^o - Слаб земјотрес, го чувствуваат повеќето жители во состојба на мирување.

4^o - Умерен земјотрес, го чувствуваат повеќето жители, луѓето се будат од сон, а мебелот благо се протресува, проследено со ѕвецкање на прозорите и стаклените предмети.

5^o - Јак земјотрес, го чувствуваат сите, висечките предмети се занишуваат, часовниците со клатно застануваат, помалите предмети се поместуваат или превртуваат.

6^o - Застршувачки земјотрес, делува застрашувачки, така што во случај на ваков земјотрес и сите посилни од него, доаѓа до појава на паника кај населението. Делови од мебелот се превртуваат, сликите паѓаат од ѕидовите. Помалите ѕвона во црквите се занишуваат и почнуваат да ѕвонат. На куќите настануваат помали штети, само кај малтерот.

7^o - Штетен земјотрес, нанесува оштетувања на објектите, кршење на керамидите, паѓање на оџаци. Во одредени услови предизвикува активирање на свлечишта.

8^o - Многу штетен земјотрес, предизвикува значителни оштетувања на објектите, одрони на карпи, се јавуваат промени во издашноста на изворите, се менува нивото на водата во бунарите, се јавуваат пукнатини во земјиштето.

9^o - Разурнувачки земјотрес, предизвикува толкави штети што преку 50% од куќите кои не се асеизмички градени се онеспособени за живеење. Се појавуваат чести одрони, свлечишта и големи пукнатини на тлото. Често доаѓа до кинење на подземните инсталации.

10^o - Уништувачки земјотрес, ушиштува преку 75% од зградите, на земјиштето настануваат крупни пукнатини од кои излегува песок и мил, се менува нивото на вода во езерата.

11^o - Опустошувачки земјотрес, значително ги оштетува сите градежни објекти и предизвикува големи промени на тлото.

12^o - Катастрофален земјотрес, го уништува или потполно го менува релјефот, се затрупуваат езера и реки, настануваат нови водопади, а тлото се бранува.

Како дообјаснување: Oваа MSK скала (Медведев, Спонхауер, Карник) е модификација на скалата на Меркали, Канкани и Зиберг и е еквивалент на скалата што се користи денес - Европската макросеизмичка скала.
Таа е показател за интензитетот на земјотресот и е описна, во смисол на тоа како луѓето ја чувствуваат силата на земјотресот, што е релативно, бидејќи зависи од оддалеченоста на епицентарот и длабочината на земјотресот - хипоцентарот, но и многу поразлично од магнитудата (ослободената енергија во центарот на земјотресот) која, пак, се мери по Рихтер на деветстепена скала.
Значи, денешниов 3,8 степени е по Рихтер!

И уште нешто многу битно. “Само еден степен разлика”, не е САМО еден. Рихтеровата скала е логаритамска, што значи еден степен разлика значи 10 пати поголема енергија, што, пак, значи земјотрес со магнитуда од 5^o ослобува 100 пати повеќе енергија од оној со 3^o, на пример!

И уште побитно. :-D Механизмот на настанувањето на земјотресите, барем кај нас, е чисто од тектонска природа ( бидејќи ги исклучувам вулканските и урвинските) и поплавите немаат никаква врска со ова (а уште помалку бомбата на Ким Јонг-ун)!!! Хипоцентарот на последниов земјотрес е 3 км длабочина, што е премногу плитко за земјотрес, но е многу длабоко за поплавите да имаат некакво влијание и се наоѓа на тектонски расед помеѓу Скопска Црна Гора и Кумановската Котлина. Тектониката ќе си работи, вакви земјотреси ќе има и во иднина и од скопската страна на СЦГ, а и од јужна, од страната на Водно и добро е вакви земјотреси да се случуваат почесто за енергијата постепено да се ослободува.

 
 
12.09.2016 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега