Трифуновски: Ќе го надгледуваме целиот откуп на грозје

Ќе го надгледуваме целиот откуп на винско грозје и ќе контролираме за да видиме дали се почитува договореното меѓу лозарите и винарите околку цените за килограм грозје и начинот на плаќање, истакна директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Цветан Трифуновски. 

На прес-конференција на која беше презентиран исходот од преговорите меѓу лозарите и винарите, со посредство на Министерството за земјоделство, тој рече дека нивната цел е да се формираат повеќе тимови и да бидат покриени сите откупни места каде што ќе се врши откуп на винското грозје, со тоа што инспекторите ќе бидат дополнително опремени и со себе ќе имаат широмери кои ќе бидат во сопственост на испекторатот.

- За избегнување и на најмалата потенцијална злоупотреба во делот на утврдување на шеќерните единици. Значи она што го кажаа и претставниците од здружението и од винарските визби, ова ќе значи практично доследна примена на тоа што е договорено.. Јас уште еднаш ќе потенцирам дека одговорно тврдам дека доследно и до крај целовремено ќе го следиме целиот откуп на грозјето и гарантирам дек договореното ќе се спроведе, рече Трифуновски. 

Задоволство од договореното изрази и претставникот на една од винариите преговарачи, но и градоначалниците на Кавадарци и Неготино, Александар Панов и Ванчо Апостолов.

- На крајот се склучи еден договор после пет-шест заеднички состаноци и двете страни утврдија дека треба да настанат одредени законски измени. Наидоа на разбирање и лозарите на потешкоиите на винариите што ги имаат со големите залихи од минатогодишната реколта, исто така и винариите најдоа разбирање дека цената треба да остане иста како и ланската на грозјето, рече Апостолов.

Панов нагласи дека две винарници се уште го немаат докрај исплатено ланското грозје.

- Лозарите и винариите се една целина која што заедно прави вино и го продава на странскиот пазар. Од успехот на продажба на странскиот пазар, па и на соседните земји и на домашниот, зависи колку пари тие ќе земат и колку побрзо ќе го исплатат грозјето. Разбирањето беше морам да ви кажам обострано. Ги слушнав аргументите и на лозарите, и на винарнциите и мислам дека Министерството и оваа година го направи тоа што најмногу можеше да го направи, а тоа е да биде медијатор на сета оваа работа. Министерството и ние како локална самоуправа активно учествувавме во овие преговори со цел да дојдеме до едно заедничко прифатливо решение.Тоа е наше постигнување, рече кавадаречкиот градоначалник, потсетувајќи дека некои од винариите секогаш се спремни да дадат плус за квалитетно грозје.

 
 
25.08.2016 - 21:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега