Уште пет автомобили уништени со киселини гребење и насилство - еве кои грчки градчиња се најопасни за Македонците
И понатаму продолжува трендот на крадење на македонски регистарски таблички од возила или оштетување на возила на македонски државјани во соседна Грција. Само во текот на завчерашниот и вчерашниот ден (28/29.07) од страна на граничната полиција евидентирани се пет нови случаи – две оштетувања и три кражби на регистарски таблички.
Притоа, соопштуваат од МВР, во едниот случај во местото Фурка возило марка “шкода фабија“ сопственост на Р.Т. од Скопје“ е оштетено со гребење при што на левата страна од возилото на грчки јазик била испишана паролата “Македонија е Грчка“, а во вториот случај во грчкото одморалиште Перфкохори возило марка “хонда акорд“ на С.Ј. од село Василево е оштетено, веројатно со киселина.
-Исто така, повторно во Ханиоти украдени се двете регистарски таблички од возило марка “опел“ на Д.П. од Тетово, а кражби од наши државјани во грчката полиција се пријавени и во туристичките места Јерисос (возило марка “форд фиеста“ со скопски таблички) и Амуљани (возило марка “БМВ“ исто така со скопски таблички), информираат од МВР.
Заедно со овие пет случаи, во изминатиот период, од страна на нашата гранична полиција евидентирани се 30 кражби на регистарски таблички, од кои во 23 случаи се украдени обете таблички. И натаму предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори (5). По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на шест случаи.
Од вкупниот број случаи - 22 се пријавени од страна наши државјани и на грчката полиција, но досега МВРсе уште нема добиено никаква информација од грчките колеги за случаите.Осумнаесет од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите од други места во државава.