Зоран Димитровски: УХМР не ја промаши прогнозата - не беше сериозно сфатена

Како и зошто се случи невремето во Скопје? Дали Управата за хидрометеоролошки работи може да предвиди вакво невреме? Кои биле  прогнозите на метеоролозите за критичниот ден на 6 август, како и деновите претходно? Има ли УХМР вина во трагедијата? На сите овие прашања, одговор и анализа за трагедијата, во интервју за Прес24, дава Зоран Димитровски, државен советник по метеорологија во Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија.

- Прогностичката служба на УХМР три дена по ред (3,4,5 и 6 Август) најавуваше временска нестабилност проследена со поројни врнежи, грмежи односно невреме кое ќе се случи на 6 Август во попладневните часови.  Прашањето е колку е тоа акцентирано.  Потребно е поголема сериозност и детално читање на временскиот билтен за Македонија од страна и на медиумите кој секојдневно се проследува до медиуми, до Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Владини институции, комунални претпријатија и други субјекти, вели во интервјуто за Прес24, Димитровски.

 

ПРЕС24: Невремето кое минатата сабота го зафати Скопје и северо-западна Македонија и кое предизвика катастрофални последици ја разбранува јавноста. УХМР стана цел на критики. Можат ли вакви временски неприлики да се предвидат?

ДИМИТРОВСКИ: На 6 Август 2016 целата територија на  западна Македонија беше зафатена од  невреме со различен интензитет проследено со врнежи од дожд, град, интензивни и фреквентни електрични празнења, грмотевици и засилен ветер. Особено се издвојува, Скопскиот регион, но и регионот на падините на Шар Планина кај Тетово, кој беше зафатен со многу голема разурнувачка временска непогода односно невреме . Тоа беше случај на тропски циклон од мезо размери. Временските нестабилности во принцип  се предвидуваат и се категоризираат според интензитетот кој го достигнуваат вредностите на метеоролошките параметри и метеоролошките визуелни појави. При прогнозата се користат повеќе нумерички прогностички модели, метеоролошки мониторинг податоци, сателитски слики, радарски податоци и други средства кои методолошки се обработуваат за да се формулира невремето. Со анализа на овие податоци се прогнозира невремето со карактеристики на термодинамичките процеси, интензитетот на параметрите на врнежи, ветер, електрични празнења, времетраење, зафатени региони, очекувани појави и др. кои се движат во одреден дијапазон на интензитет.  Прогностичката служба на УХМР три дена по ред (3,4,5 и 6 Август најавуваше невреме кое ќе се случи)

Но се случува како што беше во овој случај, да термодинамичките процеси доведат до регенерирање на организирани кластерски кумулонимбуси кои најголем дел од својата водност ја излачија на релативно мал простор и за кратко време на дел од падините на Скопска Црна Гора. Со радарските набљудувања во принцип е можно предвидување на вакво невреме до еден час претходно повторно зависно од динамиката на атмосферските процеси

Ваков неочекуван интензивен развој на облачната маса не го предвидоа нумеричките модели  кои ни се достапни и кои беа консултирани при издавање на прогнозата. Повеќето нумерички модели за прогноза не предвидоа вакво разурнувачко невреме во Скопскиот регион.  Во пракса ни се познати други случаи кога се предвидувало вакво катастрофално невреме, a кое реално се случило со умерен интензитет.  Накратко,  засега не може да постои временска прогноза за опасно невреме кое во дадена точка може со сигурност да одреди интензитетот на разурнувачката моќ на невремето.

ПРЕС24: Во која категорија спаѓа ова невреме?

ДИМИТРОВСКИ: Ова невреме што се случи во скопскиот регион се класифицира во катастрофално невреме според интензитетот и според  катастрофалните последици кои ги имаше, (највисоко ниво според  методологијата и номенклатурата на европскиот метеоаларм информативен систем).

ПРЕС24: Има ли УХМР соодветни мерни системи за следење на вакви состојби?

ДИМИТРОВСКИ: УХМР има  солидна мрежа на метеоролошки станици (класични и автоматски) со кои се врши перманентен мониторинг на метеоролошките параметри.

Во набљудувачкиот систем на УХМР се користат и радарски системи за набљудување на облаците и облачните маси кои имаат потенцијал да предизвикаат временска нестабилност или снежни врнежи во зимски период.

УХМР располага со два радарски системи: едниот  лоциран во месноста Ѓуриште кај Свети Николе и другиот во с. Тополчани , кај Прилеп , со кои се покрива најголем дел од територијата на Македонија. Радарските системи се во работна кондиција, и дополнително се надградени и дигитализирани. Треба да се напомене дека тие се стари триесет години со веќе застарена технологија. Нивното понатамошно одржување се доведува во прашање заради технолошката застареност.

ПРЕС24: Се размислува ли во УХМР за модернизација на системите за работа?

ДИМИТРОВСКИ: Модернизацијата особено на  набљудувачкиот систем во УХМР е постојана интенција. Но и покрај тоа,  во некои сегменти на набљудувачките и мерните метеоролошки и хидролошки системи стагнираме и заостануваме дури и во споредба со околните држави. Финансиските средства за одржување и модернизација се недоволни.  Потребни се поголеми финансиски средства и вложувања за развој и унапредување на метеоролошкиот и хидролошкиот мониторинг како и следењето на квалитетот на водите како оперативни служби од јавен интерес.

ПРЕС24: Кои се ингеренциите на УХМР при најави за вакви неприлики?

ДИМИТРОВСКИ: Според Законот за хидрометеоролошка дејност , Управат за хидрометеоролошки работи е надлежна за предупредување и најава за појава на вонредни, опасни и катастрофални неповолни временски и хидролошки појави и процеси  (временски непогоди)

УХМР е должна да ја известува јавноста и владините институции и економските субјекти за појава на временски непогоди според начин и постапка за предупредување пропишани со подзаконски акти.

УХМР е должна да врши постојани мерења и набљудувања на времето и водите, анализирање и прогнозирање на времето и временските непогоди.

ПРЕС24: Многумина кои ја критикуваа УХМР велат дека временските прогнози за тој ден не биле точни?

ДИМИТРОВСКИ: Прогностичката служба на УХМР три дена по ред (3,4,5 и 6 Август) најавуваше временска нестабилност проследена со поројни врнежи, грмежи односно невреме кое ќе се случи на 6 Август во попладневните часови.  Прашањето е колку е тоа акцентирано.  Потребно е поголема сериозност и детално читање на временскиот билтен за Македонија од страна и на медиумите кој секојдневно се проследува до медиуми, до Центарот за управување со кризи, Дирекција за заштита и спасување, Владини институции, комунални претпријатја и др субјекти.

ПРЕС24: Кои се првичните анализи за тоа невреме, како тоа се случи?

ДИМИТРОВСКИ: Врнежите што паднаа во Скопје и скопско беа со различен интензитет и тоа на Зајчев Рид беа измерени 95 l/m2, на станицата во Газибаба 107 l/m2, а во скопски Петровец само 5 l/m2 за 24 часа. Анализираните податоци од омбрографот на Зајчев Рид покажаа дека врнежите започнале во 17:00 часот и до 19:45 (2:45часа) беа наврнале 45 l/m2, за да продолжат уште поинтензивно во период од 1 час со количина од 46 l/m2(скоро 1 l/m2на 1 минута), во следните часови до 1:30 по полноќ наврнаа дополнителни 4 l/m2. Од сливот на р.Булачанска (р.Црешовска) и Раштанска која со своите помали притоки предизвикаа излевања во северо-источниот дел на Скопје и скопско нема други податоци за врнежи, но знаејќи дека на повисоките надморски висини врнежите количински се пообилни, може да претпоставиме дека во овој дел на Скопска Црна Гора паднале врнежи со вредности над 120 l/m2, па и повеќе. 

 

На слика 1 се дадени сателитски снимки кои покажуваат дека cb cluster-и се развивале над Скопје, тоа е MCC (mesoscale convective complex) - облаци кои предизвикуваат многу јаки врнежи. 
Според  базата на климатолошки податоци со кои располага УХМР до сега не се забележани количини на врнежи од 107 мм/м2 за пет часа во Скопскиот регион.

Орографијата на Скопска Црна Гора е таква да веригата на оваа планина се простира од македонско-косовската граница на запад од каде во правец на исток се простира се до атарот на с.Љуботен и Љубанци од каде се спушта во правец на југоисток се до с.Арачиново. Обликот на планината е таков, што облаците кои од шарпланинскиот масив се движеле кон Скопје, едноставно биле запрени од веригата на Скопска Црна Гора, при што во ек на интензивни врнежи, на двапати паѓаат количини поголеми од 50 l/m2 (најверојатно и многу повеќе, но не може да се потврди без измерени податоци). Оваа дополнителна количина на вода, која паѓа на веќе влажна почва, почва која е заситена со влага и не може да ги апсорбира новите количини на пороен дожд, брзо започнува да истекува низводно по падините и голините, по суводолиците и водотеците во правец на Скопско Поле. Груба проценка е дека во сливот на р.Раштанска (Раштански Поток) и р.Булачанска (р.Црешовска), при оваа непогода има паднато повеќе од 5 милиони m3 вода, вода доволна да се наполни двапати Езеро Матка.

 

ПРЕС24: Што значи толкаво количество на дожд за толку краток период?

ДИМИТРОВСКИ: Скопска Црна Гора во овој дел е пуста, главно со слаба нискостеблеста вегетација, суводолиците и водотеците се без заштитни поројни прагови и нема ништо каде оваа огромна количина на вода би се сопрела или забавила. Тука е големата површина со земјоделско земјиште кое има пад во правец на с.Смиљково и Смиљковско Езеро. Први на удар биле најблиските куќи во населбите до водотеците и суводолиците на крајот од стрмнината и тоа с.Црешово, с.Смиљково, Винче, Страчинци и покрај обиколницата кај с.Смиљково

Надоле веќе водите ги напуштаат суводолиците и водотеците и по најкраток можен пат се упатуваат кон Стајковци, но поради немање доволно водопропусни отвори под автопатот (обиколницата), директно на повеќе места прелеваат и прават хаос на автопатот, носејќи возила и патници низводно во правец на с.Стајковци и населба Ченто, а потоа поминува низ с.Стајковци и н.Ченто, каде дополнително покрај материјална штета предизвикуваат дополнителни човечки загуби. Дел од водите се влеваат во ободниот канал во правец на с.Арачиново, но дел продолжил кон с.Инџиково со дополнителни штети.

ПРЕС24: Оваа поплава во Скопје не е единствена изминативе неколку години. Лани Србија ја зафати вакво невреме. Што се случува во атмосферата, од каде толкаво количество на вода?

ДИМИТРОВСКИ: Секако дека овие зачестени случувања на Балканскиот полуостров, но и во западна и централна Европа, се квалификуваат дека се како резултат на климатските промени кои се случуваат во планетарни размери. Во изминатиот период –во месец јули 2016 Франција и Германија цел месец се справуваа со вакви интензивни временски непогоди со поплави и човечки жртви. Но прашањето е: - Кои се причините за ваквите климатски промени. Е, тука постои политичка  и научна формулација и мислењата се поделени. Преовладуваат оние кои застапуваат мислење дека тоа е резултат на зголемено присуство на „стакленички гасови“ во атмосферата. Други сметаат дека ова е резултат на прецесија на оската на ротација на Земјата, трети дека е рзултат на астрономски појави и соодветни промени на активноста на Сонцето итн.  Полемиките продолжуваат.

ПРЕС24: Може ли да се бараат виновници за ваквите временски непогоди?

ДИМИТРОВСКИ: Некои шпекулираат со влијание на ХААРП  системите.  Протоколот од Кјото говри за намалување на производство и емисија на гасови СО2, фреони и други стакленички гасови кои доведуваат до ефектот на стаклена градина и уништување на озонскиот слој, кое доведува до глобално затоплување. Додека не се докаже, се е во домен на шпекулација. 

ПРЕС24: Има ли некои други фактори кои влијаат на овие состојби, некои велат изградбата на браната Козјак може да биде една од причините за акумулирање на вакво количество вода?

ДИМИТРОВСКИ: Во овој случај на невремето во Скопје имавме фронтален систем на облаци кои дојдоа од југозапад на Скопје кое не може да се доведе во корелација со езерото Козјак. За влијанието на езерото Козјак  за генерирање временски нестабилности во регионот потребно е да се спроведе сеопфатен истражувачки проект. Очигледно еден ваков проект би бил доста комплексен.  Зошто да не.?

ПРЕС24: Дали после се можеме да зборуваме за една нова климатска слика за овој дел од светот, со оглед на тоа дека имаме екстремни промени на времето од екстра топли до драстично поладни денови?

ДИМИТРОВСКИ: Секако, вообичаената досегашна слика за интензитетот и честината на појави на летно невреме или екстремно ладни денови во зима, како и временско поместување на годишните сезони во Македонија, Балканот, Европа и пошироко, се менува и тоа се подрастично од година во година.  Можеби кратко паметиме кога во минатото пред  50 – 80 години сме имале екстремнни ниски и високи температури и врнежи од дожд и снег како во овие години. Можеби влегуваме во еден старо –нов периодичен климатолошки циклус на екстремности на метеоролошките параметри и појави.

 

ПРЕС24: Што велат анализите, дали ваквите поројни дождови ќе продолжат?

ДИМИТРОВСКИ: Трендот во метеоролошката наука се повеќе се занимава со сезонски и долгорочни прогнози. Засега не е постигнат задоволувачки процент на исполнување на долгорочните прогнози од рангот на сезонски, годишни па и многугодишни прогнози.

Затоа неблагодарно е да се даваат подолгорочни прогнози особено за невреме. Евидентно е дека Август оваа година не е месецот со највисоки температури и најмалку врнежи каков сме научиле да го имаме.

 
 
13.08.2016 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега