Градоначалникот на Солун понуди помош за поплавите во Скопје

По повод катастрофалното невереме што го зафати скопскиот регион, телеграми со сочувство до претседателот на Република Македонија, д-р  Ѓорге Иванов, упатија претседателите на повеќе држави од регионот и светот.

Изрази на искрено сочувство за настраданите во невремето вчера упати и градоначалникот на општина Солун, г. Јанис Бутарис. „Бидете уверени дека општина Солун и покрај тешкото оптоварување во обезбедување на хуманитарна помош за неколку илјади мигранти и бегалци, е подготвена и има волја да соработува со надлежните институции од вашата земја, со цел олеснување и помош на настраданите граѓани“, стои во телеграмата од градоначалникот Бутарис. Би ценеле  доколку ги посочите конкретните потреби од наша помош и начините за поддршка кои сметате дека се најсоодветни за да бидеме ефикасни и успешни, стои во телеграмата од градоначалникот на Солун.

 Сочувство до семејствата на загинатите во елементарната непогода изрази и претседателот на Република Бугарија, г. Росен Плевнелиев, истакнувајќи дека трагедиите од овој вид напоменуваат колку е важно да се биде сплотен во тешки моменти.

Изрази на солидарност и сочувство упати и државниот врв на Република Албанија, и воедно искажа подготвеност да и помогне на Република Македонија, за надминување на последиците од невремето со трагичен биланс.

Длабоко сочувство до семејствата на жртвите и поддршка за надминување на трагичната состојба, во лично име и во име на словенечкиот народ, упати и претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор.

Изрази на жалење и сочувства до семејствата на загинатите и настраданите во невремето упатија и Република Турција, Република Полска, Република Хрватска, Унгарија, Босна и Херцеговина, Ватикан, Република Белорусија, Кралството Мароко, како и Генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова. Во телефонски разговор со претседателот Иванов, сочувство за настраданите упати и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

 
 
13.08.2016 - 11:02
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега