И Ресен му помага на Скопје
– Вработени од Јавното комунално претпријатие „Пролетер“, Територијалната противпожарна единица – Ресен и од општина Ресен втор ден помагаат во расчистување на загрозените подрачја од невремето што неодамна го зафати скопскиот регион.
Ресенските екипи работат на расчистување кал и оштетена покуќнина во домови кои настрадаа од големите поплави. Локалната самоуправа најави дека за утре е планирана нова група од 20-тина вработени во општината да заминат во загрозените подрачја на расчистување од последиците кои ги направи невремето.
Во општинската зграда и на градскиот плоштад во Ресен отворени се пунктови на Црвениот крст за собирање донации од вода, храна и средства за хигиена. Компании од Преспа донации испраќаат и директно во собирниот центар на Црвениот крст во Момин Поток.
Советот на општина Ресен на вонредна седница донесе одлука за донирање 100.000 денари, а сите советниците решија да се откажат од дел од месечниот надомест и да го уплатат во наменскиот Фонд за загрозеното население.
Граѓаните и правните субјекти може да донираат за поплавените во Скопско на жиро-сметка на Фонд на солидарност 300000001327966 ДБ 4030984271620 – Комерцијална банка или по 100 денари со вртење на телефонскиот број 143 400 од сите мобилни оператори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа