Иванов: Да бидеме хумани и да си помагаме во време на неволји и предизвици

Солидарноста и хуманоста што деновиве македонските граѓани ја покажуваат кон настраданите од катастрофалните поплави во Скопје се дел од наследството што ни го остави свети Климент,  порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод чествувањето на 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски, што се одржа во Охрид.

Претседателот Иванов уште еднаш изрази сочуство до настраданите и до семејствата на загинатите. „Моите мисли се со моите сограѓани во поплавените подрачја на Скопје. Со семејствата кои ги загубија своите најблиски, со луѓето кои ги изгубија своите домови“, рече Иванов.  

Сите ние кои сме дел од Словенството како јазична заедница сме рамноправни Климентови наследници. И како наследници, имаме споделени права, но и должности. Должности да се грижиме за она што ни е оставено, меѓусебно да го споделуваме и да го пренесуваме на идните поколенија, порача на академијата македонскиот претседател.

Претседателот Иванов во обраќањето ја истакна потребата од зачувување на богатото јазично, просветно, духовно и морално наследство на Св. Климент Охридски, како и неопходноста од пренесување на неговото наследство на младите. Порача дека треба да го следиме примерот на свети Климент и дека независно од нашата етничка, јазична, културна, политичка, социјална или родова припадност треба меѓусебно да си помагаме особено во време на неволји и потреби, какви што сега имаме во Македонија.

„Да се вратиме на неговиот повик. А тоа ќе го направиме ако се вратиме на неговиот повик. А тоа е повик да си помагаме еден на друг... да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство, кроткост, воздржување, и во сè што правиме да се престигнуваме во добрина. А во време на неволји и предизвици со кои се соочуваме по катастрофалните поплави, почитувањето на свети климентовиот повик ни е повеќе од неопходно.Само така, ќе ги обновиме навиките на срцето што ни се неопходни за да можеме, сите заедно да бидеме достојни наследници на нашиот голем учител Климент Охридски, “истакна во говорот шефот на државата.

На свечената академија на која учествуваа и 12 академици од 11 европски академии, претседателот Иванов посочи дека најдобриот начин за да одиме напред, е да се вратиме назад кон суштинските пораки на Климент Охридски, додавајќи дека неговото духовно и просветно дело ги поврзува сите словенски народи.

Во црквата Света Софија во Охрид, беше отворена и изложба „Портретите на Свети Климент Охридски во ликовната уметност во Македонија и во соседните земји“  и беше приреден молебен и положено свежо цвеќе пред гробот и моштите на Свети Климент на Плаошник.

1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски, како значаен јубилеј за Република Македонија, се одбележува со многубројни активности и културни настани посветени на животот и делото на овој голем македонски просветител.

Покровители на чествувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски се Претседателот на Република Македонија, Македонската академија на науките и уметностите и Универзитетот „Св. Климент Охридски" од Битола.

 

 
 
10.08.2016 - 08:15
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега