Артуро Сандовал на средба со министерката Канческа-Милевска

Американскиот џез-музичар со потекло од Куба Артуро Сандовал, кој важи за еден од најпознатите изведувачи на труба во светот, пред вечерашниот настап на „Охридско лето“ попладнево беше примен од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во нејзиниот кабинет.

На Античкиот театар во Охрид од 21 часот тој ќе настапи со својот бенд и ќе изведе познати џез-композиции од светски автори. Концертот во Охрид ќе биде последен од неколкуте што ова лето ги имал во Европа. Синоќа во Прага премиерно го извел новиот концерт за труба за кој, како што рече, посакува да го изведе и во Македонија со симфониски оркестар и на многу други места. Утре во Охрид Сандовал ќе одржи и семинар за студенти и професори по труба и џез-музичари од Македонија, но и од околните земји. Најавено е присуство на музичари од Бугарија, Хрватска, Србија, Романија. Задутре тој ќе се врати во САД.

– Одвај чекам вечерва да почне концертот и да видам како луѓето ќе реагираат на мојата музика. Свирам веќе 55 години, сум бил на голем број места и веќе заборавам каде се сум бил. Преку цела година имам концерти. Навистина би сакал да дојдам тука повторно и да го свирам мојот најнов концерт за труба со симфониски оркестар. Премиерата беше вчеравечер во Прага и би сакал да го свирам на што повеќе места, со што повеќе оркестри. Во октомври концертот ќе го изведам со Лондонскиот симфониски оркестар, со нив веќе имам снимено две плочи, изјави Сандовал на средбата со Канческа-Милевска.

За неговиот концерт во Охрид рече дека е најзаслужна селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифовска-Неделквска  која, како што рече, со години се обидувала да го доведе во Македонија. Таа додаде дека обидите да договори негов концерт траат од 2001.

Министерката Канческа-Милевска го информираше дека има голем интерес за неговиот концерт и е целосно распродаден и му посака убава концертна вечер и престој во Охрид. Го запозна и со долгата традиција на најстарата меѓународна музичко-сценска манифестација во Македонија и за некои од назјначајните музички имиња кои гостувале на „Охридско лето“ во изминатите пет и пол децении.

kanceskakuba1

– Сандовал е еден од најексклузивните гости на годинашното 56-то издание на „Охридско лето“. Публиката, многубројните гости и туристи во македонскиот бисер Охрид, вечерва ќе имаат можност и привилегија да уживаат во ексклузивниот настап на светскиот џез-изведувач кој ќе настапи заедно со својот бенд. Навистина ми е драго што уште еден врвен музичар со светска слава како Артуро Сандовал ни гостува во Македонија. Како што ме информираа од дирекцијата на фестивалот, интересот за концертот бил навистина голем и билетите се распродадени. Ова е потврда дека вечерва на Антички посетителите ќе имаат едно несекојдневно музичко уживање, истакна Канческа-Милевска.

Посочи дека Сандовал е добитник на дест награди „Греми“, шест награди „Билборд“ и една „Еми“ награда, редовно настапува со водечки симфониски оркестри низ светот и дека соработува со некои од најголемите музички ѕвезди денес.

– Сандовал е познат и како композитор на филмска музика. Во својата кариера соработувал со светски музички ѕвезди како Френк Синатра,  Селин Дион и Алиша Кис. Во досегашната успешна кариера снимил над 200 композиции и аранжмани презентирани во неколку изданија на компакт-дискови, додаде министерката за култура, која на познатиот музичар му подари монографија за Македонија и слика со филигранска пеперутка.

Артуро Сандовал вечер на концертот во Охрид ќе настапи со својот бенд: Џон Белзагај (бас), Дејв Сигел (клавијатури), Џони Фрајдеј (удиралки), Кемуел Роиг (пијано) и Тики Пасиљас, кој е задолжен за ритам секцијата.

 
 
06.08.2016 - 14:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега