Чешка “врие“ од алкохоличари и пушачи

 

И покрај преземените мерки, Чешката држава, сеуште не успева да го намали бројот на луѓето кои пушат цигари, ниту да ги натера оние кои редовно пијат алкохол да побараат стручна помош.

Според резултатите на истражувањето на Националниот завод за здравство, четвртина од луѓето пушат „пасивно“, односно се принудени да го дишат чадот од цигарите на пушачите, иако законот тоа го забранува.

Третина од луѓето пушат, а една седмина редовно конзумираат алкохол, покажува анкетата.

Во Чешка пушат 31,3 проценти од вкупниот број на граѓани и тоа претежно мажи на возраст од 15 до 24 години.

- Во последните неколку години, бројот на пушачи стагнира, односно не се зголемува значително, но не се ни намалува. Кај возрасната популација процентот е меѓу 28 до 32 проценти, вели авторката на студијата, епидемиологот Хана Совинова.

За Националниот координатор за борба против дрогата, Јиндрих Воборжил, зависноста на Чесите од пушењето и алкохолизмот е сериозен проблем како и проблемот на општеството во врска со високата толеранција кон легалните дроги.

- Покрај тоа, Чесите се скептици кон ограничувањето и регулирањето, ние немаме некои големи превентивни кампањи, а проблем се трговците кои им продаваат се на малолетниците, додава Воборжил.

Експертите потсетуваат на препораката од Светската здравствена организација, за заострување на правилата за рекламирање на производи од тутун и алкохол, регулацијата на нивната достапност и потребата од зголемување на данокот на легалните дроги.

Тие сметаат дека ситуацијата може да се подобри со поголема достапност до програми за интензивно лекување или со програми во кои лекарите ќе ги испитуваат луѓето кои пушат цигари и пијат алкохолни појалоци.

Според, лекарката Ева Каликова за намалување на пушењето може да влијае и забраната за пушење во кафеаните и фотографиите на болестите кои ги предизвикува никотинот на кутиите со цигари.

- Бројот на пушачите е ист и не се намалува, но сега тие далеку помалку ја оптоваруваат околината и бројот на пасивни пушачи значително се намали, коментира поранешниот министер за здравство Леош Хегер за весникот „Млада Фронта Днес“.

Хегер како пример, наведува дека во 70-те години на минатиот век лекарите пушеле во ординациите и при визитите на пациентите, што денеска е незамисливо. 

Во Чешка најомилени се индустриски произведените цигари, кои ги користат една третина од пушачите и покрај високата цена која во просек изнесува 2,6 евра.

Чесите не ги сакаат електронските цигари и иако 1,7 проценти се изјасниле дека ги пробале, уште помал е бројот на оние кои редовно ги користат.

Анализата за користењето на алкохол, покажува дека 15 проценти од населението над 15 години пие секој ден.

Еден возрасен Чех, во просек испива 8,6 литри чист алкохол за една година.

Високата употреба на алкохол се однесува на младите Чеси под 25 годишна возраст и тие заедно со Данците го заземаат водечкото место.

Според експертите, излечливоста од алкохолизам во земјата е слаба поради слабата грижа за оние кои пијат.

Иако постојат специјални установи за лечење од хроничен алкохолизам тие сметаат дека е потребна и итна помош на терен. 

најчитано сега