5.000 евра казна за познато скопско кафуле
Заради поставување маси и столици по целиот тротоар на улицата „Лаенинова“ и поради гласно пуштање музика по законски дозволениот рок, скопското кафуле „Децата од нашата улица“ ќе плати глоба од повеќе од 5.000 евра.
Имено, како што соопшти Општина Центар, станарите на улица „Ленинова“ бр.29 се пожалиле дека, во кафе барот „Децата од нашата улица“ се одржува ноќна забава со гласна музика, а масите и столиците се поставени по целиот тротоар.
Инспекција од општината излегла веднаш на терен и констатирала дека не се почитуваат законските прописи и договореното на средбата на градоначалникот со сопствениците на кафулињата од улица „Ленинова“. На средбата се согласиле на тротоарите да се остави слободен простор од 2 до 2,5 метри, за да се овозможи непречено движење на пешаците. Сопственикот на кафе барот е повикан на разговор во инспекција, но не се одзвал на поканата.
Надлежниот инспектор одмери казна која, според Законот за јавна чистота, се движи до 4.000 евра за правното лице, а за одговорното лице – 30% од одмерената казна за правното лице.
Инспекциските служби од општина Центар ќе продолжат со редовните контроли, за да видат дали и понатаму има отстапување со поставувањето на опремата.
Општина Центар ги повикува граѓаните, доколку забележат прекршување на законот, без разлика дали се работи за бучава или за опрема, да пријават кај надлежните органи
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа